1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц е за мировна конференција со Украина и Русија

ЗДФ
9 септември 2024

Германскиот канцелар Олаф Шолц ги отфрли барањата за гласање доверба, вели дека сака да ја продолжи владината работа и да освои силен мандат на следните избори на сојузно ниво, а планира и натаму да ја поддржува Украина

https://p.dw.com/p/4kPtV
Германскиот канцелар Олаф  Шолц
Германскиот канцелар Олаф Шолц во летното интервју за втората програма на германската телевизија ЗДФФотографија: Thomas Kierok/ZDF/dpa/picture alliance

Канцеларот Олаф Шолц не сака да бара гласање за доверба во Бундестагот, ниту сака да иницира  предвремени избори на сојузно ниво. Владата има мнозинство да ги извршува задачите кои сега се на дневен ред, вели политичарот на СПД во летното интервју за втората програма на германската телевизија ЗДФ. „Тоа е мала идеја на опозицијата што ја повторуваат на  секои три недели“, рече Шолц.

Тој оценува дека формирањето влада во Германија во догледна иднина ќе биде поврзано со потешкотии. „Ако можам да ја споделам мојата болка со вас: стравувам дека, без разлика на тоа како ќе биде сè во претстојните години, во Германија ќе имаме многу многу години со констелации во кои ќе биде многу комплицирано да се формира влада“, рече Шолц, кој смета дека тоа ќе се гледа како на покраинско, така и на сојузно ниво. 

Шолц: Не ја потценивме миграцијата

„И затоа е важно да успееме со стил на заедништво во кој фактот дека партиите кои при своето формирање можеби не мислеле дека некогаш ќе владеат заедно, сепак, да успеат и нешто да постигнат“, рече канцеларот. На тоа ниво семафор-коалицијата според него постигнала многу.

Канцеларот Олаф Шолц (СПД) се покажа подготвен за компромиси во однос на можни нови преговори меѓу опозицијата, власта и покраините. „Веќе имаме одбивања на границите, веќе имаме гранични контроли, а ефективното управување со границите е нешто што би сакале дополнително да го прошириме и со поддршка на опозицијата“, рече канцеларот. Ќе има добри предлози, кои ќе се движат „во рамките на европските закони, меѓународните договори и нашиот Устав“, додаде Шолц.

Шолц категорично негираше дека семафор-коалицијата го потценила  прашањето за миграцијата  и оценува оти е погрешен впечатокот дека владата дури сега презема нешто. „Направив најголем пресврт во третирањето на миграцијата во историјата на последните десет или дваесет години“, рече Шолц и додаде дека се погрижиле „одлуки кои со децении не можеле да бидат спроведени во однос на нелегалната миграција, сега да се спроведуваат“.

Шолц: СПД е партија „докажана во битки“

Во однос на лошите резултати на СПД на покраинските избори во Саксонија и Тирингија на почетокот на септември, Шолц рече дека таквите резултати „не може да се еуфемизираат“. Особено тежи  изборниот резултати на АфД, вели канцеларот и додава дека треба „да се с​​работува и да се третираат нештата и оти тоа е важно“. Шолц рече дека сака да се бори за „убедлив мандат на следните сојузни избори“ и посочи дека тоа „веќе еднаш им успеало. А, СПД е партија докажана во битки“.

Олаф Шолц  Володимир Зеленски
Канцеларот Олаф Шолц водел многу доверлив разговор со украинскиот претседател Володимир ЗеленскиФотографија: Boris Roessler/AP Photo/picture alliance

Шолц сака мировна конференција со Украина и Русија

На прашањето за руската агресија против Украина, Шолц инсистираше на тоа дека треба да се вложат поинтензивни напори од претходно за да се дојде до мировни решенија во војната. „Мислам дека сега е моментот кога треба да разговараме како да излеземе од оваа воена ситуација и да постигнеме мир побрзо отколку што се чини во моментов“, рече политичарот на СПД.

„Важно е да постигнеме напредок во врска со ова, дефинитивно ќе има уште една мировна конференција“, нагласува канцеларот. Тој водел многу  доверлив разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Двајцата се согласиле дека Русија исто така мора да учествува на следната мировна конференција.

Шолц сака и натаму да ја поддржува Украина

Шолц го избегна прашањето дали сè уште има доверба во украинскиот претседател Володимир Зеленски, откако јавноста дозна дека Украинец бил вмешан во саботажата на гасоводите „Северен тек“  во Балтичкото Море. „Имам добри односи со Володимир Зеленски“, рече канцеларот. „И истовремено ми е сосем јасно дека оваа работа треба да биде расчистена“, вели Шолц. Нему му е драго што Сојузниот јавен обвинител и безбедносните органи дошле во истрагата до нивото за кое се известува.

Канцеларот Шолц призна и дека неодамнешните изборни резултати се должат и на тоа дека „некои наши граѓани не се согласуваат со тоа што ја поддржуваме Украина“. Но, тој лично смета дека е исправно што ја поддржува Украина и вели дека ќе остане на таквиот курс.