Затворски казни за брзо возење и пијани возачи
9 август 2022Со затворски казни против дивеењето на улиците - надлежните институции најавуваат законски измени со кои ќе се намали смртноста од сообраќајните несреќи во земјата. Во просек годишно, околу 125 лица го губат животот во сообраќајни незгоди, односно се случуваат околу 100-120 сообраќајни незгоди со загинати лица. Покрај тоа, статистичките податоци покажуваат дека годишно се случуваат околу 3.500 сообраќајни незгоди со повредени лица, при што со повреди во просек годишно се здобиваат од 5.500 до 6.000 лица.
Министерството за правда предлага нов член 403 „Безобѕирно управување со моторно возило“ што ќе се води како кривично дело кое предвидува парични или казна затвор до три години. Па така, ако досега возењето под дејство на алкохол со најмалку 1,50г/промили во крвта, или пак под дејство на дроги и психотропни супстанци, возењето во забранет правец, претекнувањето на колона возила на непрегледно место и возењето над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина се казнуваше прекршочно, со новите предлог измени во Кривичниот законик се планира да се казнува како кривично дело.
Идејата се крчка со месеци
Предлагач на измените е Министерството за правда. Ваквата можност беше најавена уште во ноември 2021 година, од страна на тогашниот министер за правда Бојан Маричиќ, по пресудата на Основниот суд во Охрид од 20 октомври минатата година, со која лице обвинето за предизвикување сообраќајка беше осудено на условна затворска казна од 4 години, со дополнителна казна од 3.000 евра. Пресудата беше донесена по повеќе од една година од кобната несреќа во која животот го загубија две момчиња од Битола, а три сопатнички беа тешко повредени. По лавината реакции во јавноста, Маричиќ излезе со конкретен предлог - ново кривично дело со кое се пропишува затворска казна и до 3 години, односно казна затвор од 4 години доколку има и смртни последици.
Измените следат и по бројните страотни сообраќајни несреќи изминативе години, кога возачите коишто ја загрозиле безбедноста во сообраќајот поминуваа само со прекршочни казни. Поради тоа сѐ поголем е бројот на жртви на улиците, сѐ почесто е дивеењето на возачите кои најчесто бегаат од местото на несреќата, а загрижувачка е и праксата на изрекување благи казни и успешното избегнување на правдата од страна на прекршителите, што доведува до дополнителен револт и дилеми: колку вреди човечкиот живот?
„Вжештен“ полициски радар
Многу висок процент на учесници во сообраќајот се под дејство на алкохол, а во поново време и дрога. Запрепастувачки се извештаите од МВР кои за една ноќ откриваат повеќе стотици возачи под дејство на алкохол. Висок е и процентот на возачи кои управуваат возила без возачка дозвола.
Полицијата само во текот на изминатата ноќ, во периодот од 21 до 2 часот, со посебно опремен радар за снимање во ноќни услови, детектираше голем број возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што се санкционирани 208 возачи. Како што посочуваат од МВР, од вкупниот број на изречени санкции, девет возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а четири возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. При тоа 136 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 72 надвор од населено место.
Брзото возење, алкохолот, дрога, сообраќајната некултура, лошата сигнализација или дупките на патиштата: кој е виновен за големата смртност на македонските патишта? Сообраќајните експерти и надлежните институции велат дека смртните последици се резултат на сите овие фактори. Листата е многу долга, а ефектите од мерките коишто ги преземаат надлежните се недоволни. Граѓаните бараат долгорочно решение за проблемот, а не за него да се зборува само кога ќе се изгубат човечки животи.