Со Кодексот се обврзуваат, на терен се навредуваат
17 април 2024Денеска напладне (17.04) во Државната изборна комисија (ДИК), Кодексот за фер и демократски избори треба да го потпишат претставниците на подносителите на листи за кандидати за пратеници во Собранието на РСМ, на изборите што ќе се одржат на 8-ми мај годинава. Изборната кампања за парламентарните избори ќе започне утре, на 18-ти април, и неколку дена ќе се совпадне со кампањата за избор на претседател, која завршува на 22-ри април. Претходно, Кодексот за фер и демократски избори го потпишаа и шест од седумте кандидати учесници во изборите за претседател на државата. Не го потпиша само кандидатот Стевчо Јакимовски, но изјави дека истиот ќе го почитува.
Со потпишување на Кодексот, потписниците се обврзаа дека преку своето делување и со своите активности ќе учествуваат во зацврстување на фундаменталните вредности на демократијата и ќе придонесуваат за градењето на довербата во изборниот систем. Се обврзаа дека нема да вршат никаков притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и државната администрација, во други институции или установи финансирани од Буџетот на државата, буџетите на општините и Градот Скопје, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал. Исто така, се обврзаа дека нема да користат говор на омраза и нема да вршат никаква дискриминација и омаловажување врз основа на пол.
Праксата покажува дека Кодексот добива потписи, ама дел од она на што се обврзуваат потписниците, не се потврдува во нивните активности. Во досегашниот тек од претседателската кампања, најчестите забелешки се однесуваат на навредливи и омаловажувачки пораки што меѓу себе си ги разменуваат дел од кандидатите. Извинувања најчесто нема.
Што мислат граѓаните?
Близу 80% се на ставот дека говорот на омраза се засилува во време на предизборна кампања, 80% од граѓаните сметаат дека политички партии поттикнуваат говор на омраза, а над 81% дека партиите предизвикуваат поделби во општеството. Вакви резултати дава последното истражување на јавното мислење кое за „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје, врз репрезентативен примерок од 1078 испитаници во периодот од 21-ви до 24-ти март.
Анализата на етничката структура на граѓаните кои давале одговори покажува дека и Македонците и етничките Албанци во мнозинство веруваат дека партиите поттикнуваат говор на омраза и креираат поделби, со таа разлика што Македонците во значително поголемо мнозинство го изразуваат овој став. Ако за овие прашања меѓу 80 и 90% Македонци сметаат дека партиите поттикнуваат говор на омраза и креираат поделби, таков став делат меѓу 40% и 50% етнички Албанци.
Според резултатите од истражувањето, 89,1% од граѓаните рекле дека во Македонија е присутен говорот на омраза, додека само 6% не детектирале ваква појава. Третина од граѓаните сметаат дека говорот на омраза бил поттикнат од политички убедувања, 20,5% сметаат дека го поттикнала етничката припадност, 10,5% детектирале говор на омраза поради физичкиот изглед, 7,5% поради религиски убедувања и 5,5% поради возраста.
Близу две третини од граѓаните или 64,2% сметаат дека денес има повеќе говор на омраза отколку пред 5 години, 12,6% забележале помалку говор на омраза денес отколку пред 5 години, додека 18,7% не регистрирале никаква промена. Во исто време, граѓаните се прилично поделени околу прашањето дали актуелните законски регулативи се доволни за да се намали или да се спречи говор на омраза: 43% сметаат дека се доволни, 45,2% дека не се доволни. Сепак, 70,6% од анкетираните сметаат дека треба да се донесат построги закони за спречување на говорот на омраза, додека 22% се на ставот дека не треба, бидејќи тие би можеле да се злоупотребат.
Политички штетни наративи
Институтот за комуникациски студии (ИКС) завчера го објави шестмесечниот извештај во рамките на истражувањето „Мерење на политички штетни наративи“ (ШТЕТ-НА), кој претставува сублимат на податоците од мониторингот на комуникациските практики на политичките актери во периодот септември 2023 - февруари 2024 година.
„Анализата на извештаите за шесте месеци покажа дека штетни наративи содржеле над една третина од вкупниот број објави на политичките партии и на политичките лидери. Партиите и лидерите преку непоткрепени обвинувања и ставови најчесто користат штетни наративи со кои се обидуваат да ја поткопаат довербата во институциите на системот и вршат пристрасно селектирање на податоци за јавноста да се наведе на погрешни заклучоци. Речиси со иста фреквенција тие користат напади на личноста, односно демонизација, поттикнуваат поделби и популизам“, се заклучува во извештајот на ИКС.
Предмет на мониторинг биле 10 политички партии и нивните лидери, чии партии бројат најмалку двајца пратеници во парламентарниот состав 2020 - 2024 година, како и Фејсбук-комуникацијата на членовите на Владата на РСМ.
„Двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, убедливо водат во објавите со штетни наративи, а на третото место друштво им прави Левица. Имено, од вкупниот број објави со штетни наративи (797), 732 или 92% се креирани и пласирани од овие три партии (ВМРО-ДПМНЕ - 311 објави, СДСМ - 228 објави и Левица - 193 објави). Од друга страна, на првото место во ширењето штетни наративи меѓу политичките лидери е Димитар Апасиев од Левица, кој за шест месеци има 50 вакви објави. На второ место е Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ (17 објави), а на третото е Изет Меџити од Демократко движење (11 објави)“, се наведува во извештајот на Институтот за комуникациски студии.