1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шмит: Однесувањето на Милорад Додик е шлаканица за ЕУ

8 септември 2023

Додик нема овластување да нареди мое апсење, вели високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ за заканите на претседателот на Република Српска.

https://p.dw.com/p/4W7F2
 Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит
Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан ШмитФотографија: Klix.ba

„Не е ништо ново ако Вие, како висок претставник во Босна и Херцеговина, како и многу Ваши претходници, сте во судир со Милорад Додик. Но, потполна новина е што Додик, како претседател на Република Српска, сега најави дека ќе Ве уапси и депортира ако влезете во неговата република. Како ќе реагирате на тоа?", е прашање со кое ФАЦ го почнува интервјуто со Кристијан Шмит.

„Во такви случаи на политичко лудило, препорачливо е да се остане мирен и да се извршуваат сопствените задачи. Затоа, се разбира,  нема да ја исклучам Република Српска од својата надлежност. Тоа им го должам на тамошните луѓе. За жал,  овој дел од БиХ  сѐ повеќе се приближува кон автократија во која владеењето на правото веќе не е мерило“, одговара Шмит.

Високиот претставник во интервјуто за ФАЦ нагласува дека во следните неколку дена и недели има термини во Република Српска, најмногу во Бања Лука, но и во други градови. „Јас се придржувам на тоа и му порачувам на  господин Додик да не го тера и натаму своето егоцентрично лудило,  зашто единствена личност која навистина ја доведува во криза е тој самиот“, вели Шмит.

Милорад Додик  БиХ
„Однесувањето на Милорад Додик е шлаканица за ЕУ која се обидува да го унапреди владеењето на правото во Босна“, вели ШмитФотографија: Dragan Maksimović/DW

Новинарот од ФАЦ констатира дека Додик со својата реторика сам себеси се доведе под притисок и се обраќа до германскиот дипломат со зборовите: „Ако отидете во Бања Лука и не бидете уапсени, тој ќе го загуби угледот пред своите следбеници“. „Тогаш неговите следбеници ќе сфатат дека тој не го прави секогаш она што го кажува и  дека на својата земја не ѝ носи ништо добро“,  реплицира Шмит.

„Додик нема овластување да нареди мое апсење“

На прашањето на ФАЦ дали Додик, како претседател на РС, може да ѝ нареди на полицијата да го уапси, Шмит одговара дека тој, во согласност со Виенската конвенција за дипломати, ужива имунитет. Освен тоа, „Додик нема овластувања да нареди апсење зашто нема право да ѝ наредува на полицијата. Тоа најпрво би требало да го разјасни јавен обвинител“. Шмит додава дека Додик веќе се обидел да поднесе пријава против него, но дека „паметното“ Јавно обвинителство во Бања Лука, превентивно, оваа постапка веднаш ја проследило до Државното обвинителство во Сараево, од коешто Шмит веќе ништо не чул.

„Однесувањето на Додик е шлаканица за ЕУ која се обидува да го унапреди владеењето на правото во Босна. Се лаже ако смета дека за него постојат посебни права или посебни прописи. Значи, господин Додик треба да се подготви за некои прилично неугодни времиња“, констатира Шмит. 

Новинарот на ФАЦ го потсетува високиот претставник во БиХ на неговата изјава дека на маса е и опцијата за смена на Додик, за која тој теоретски има овластувања. „Меѓутоа, многумина се сомневаат дека би можеле да ја спроведете, зашто немате извршна власт. Додик би можел да го игнорира тоа. Како во таков случај би можеле да ја спроведете смената на Додик?“, прашува ФАЦ.

Милорад Додик,  Владимир Путин
Милорад Додик како близок сојузник на Владимир Путин, архивска фотографијаФотографија: Reuters/Sputnik/Kremlin/A. Nikolsky

„Тоа се разгледувања кои не се изнесуваат однапред. Меѓутоа, против господин Додик е во тек истрага и не е никаква новина дека за него се интересира Државното обвинителство. Патем, ќе видиме како меѓународната заедница ќе се однесува со некого кој го торпедира европскиот пат на Босна и Херцеговина, а истовремено дејствува како близок сојузник на Владимир Путин“, вели Шмит.

Додик под товарот на долгови

Германскиот дипломат избегна директно да одговори на прашањето на ФАЦ дали за акција против Додик би го имал на своја страна српскиот претседател  Александар Вучиќ. Доколку заканата на Додик не биде само празен чин, тогаш работата „станува навистина многу сериозна“, вели Шмит и додава: „Во тој случај не сум спремен на никакви компромиси: законското право кое произлегува од Дејтонскиот договор, мора да биде спроведено.“ 

Додик најави и дека, ако донесете уредба за спорната поделба на босанскохерцеговскиот државен имот, Република Српска истата ноќ ќе прогласи независност. Што тогаш?, го прашува ФАЦ Шмит.

„Претпоставувам дека одлучноста на Додик да ја брани секоја педа од државниот имот, кој не му припаѓа, има врска и со големиот товар на долгови кои ги има насобрано во Република Српска. Овде станува збор за праведна поделба на државниот имот. За тоа е потребен државен закон. Би било замисливо, на пример, пренос на сопственоста на заедничка агенција, чии приходи би биле праведно распределени. Затоа мораме да бидеме спремни на дијалог. Сите останати во БиХ се спремни на тоа, освен господин Додик“, заклучува Кристијан Шмит во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг".