Груевски ќе куртули и од казната за „мерцедесот“
30 септември 2024Бегалецот во Унгарија, Никола Груевски ќе се спаси од издржување на двегодишната затворска казна во случајот „Тенк“, за набавката на луксузниот владин „мерцедес“. На поранешниот премиер на 4 октомври му застарува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“, објави Призма.
Груевски, кој веќе шеста година е надвор од земјата откако доби азил во Унгарија, на 4 октомври 2018 година беше правосилно осуден, така што на 4 октомври годинава поминуваат шест години, што е законски предвидениот рок за застарување на одлежувањето на казната.
Според Кривичниот законик, застареноста на извршувањето на казната настапува кога ќе помине двапати онолку време колку што е потребно за застарување на делото, а во случајот на Груевски, рокот за застареност изнесува двапати по три години.
Во „мерцедесот“ се возат странски делегации
Во случајот „Тенк“ со Груевски осудени беа и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска - четири години, и поранешнииот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски - четири и пол години, кои веќе ги одлежаа своите казни.
И покрај најавите дека „мерцедесот“ ќе се продава, тој сè уште се користи при доаѓање на странски делегации во земјата.
На Груевски му преостанува да одлежи една и пол година затвор за случајот „Насилство пред Општина Центар“, која му застарува за три години, односно во 2027 година, како и девет години затвор за случајот „Плацови на Водно“, дело кое што му застарува во 2043 година.
Претходно на Груевски му застареа делата во предметите „ТНТ“ и „Траекторија“, а останува обвинет уште во предметите Титаник“ и „Талир“.