Случај Капитол: 17 години затвор за водачот на Горди момчиња
1 септември 2023Џозеф Бигс, според Обвинителството, бил една од централните фигури во „бунтовничкиот заговор“ од јануари 2021 година. Обвинителите го опишаа лидерот на деснорадикалната група „Горди момчиња“ (Proud Boys) како еден од најнасилните бунтовници. Напаѓачите тогаш сакаа да го спречат Конгресот конечно да ја потврди победата на демократот Џо Бајден на претседателските избори во САД во ноември 2020 година.
Обвинителството бараше казна од 33 години затвор за поранешниот војник Бигс, што е значително подолга казна од 17-те години кои на крајот беа изречени. Судијата Тимоти Кели ја засновал својата пресуда врз фактот дека Бигс немал намера да убие никого. Сепак, „одвраќање“, според судијата, е неопходно: Нападот ја прекина „нашата традиција на мирен трансфер на власта. Една од највредните работи што ги имавме како Американци“, рече тој.
Солзите на Бигс
Пред да биде објавена пресудата, Бигс низ солзи уверуваше дека не сака веќе да има врска со „Гордите момчиња“. Тој рече дека знае оти ја „зафркнал“ работата, но тврди дека „не е терорист“.
„Гордите момчиња“ се фашистичка и антифеминистичка милиција класифицирана како терористичка организација во Канада. За време на изборната кампања, американскиот претседател Доналд Трамп одби јасно да ја осуди групата. Во ТВ-дебата со подоцнежниот победник на изборите Џо Бајден, тој рече: „Горди момци - бидете воздржани и подготвени“.
Кообвинетиот Закари Рел доби затворска казна во траење од 15 години. Тој предводел група од најмалку три други „горди момчиња“ во Капитол и ги испрскал полицајците на должност со солзавец. Рел потоа позираше во канцеларијата на пратеник во парламентот.
Во мај годинава, основачот на десноекстремната американска милиција Чувари на заклетвата (Oath Keepers), Стјуарт Роудс, беше осуден на 18 години затвор за упадот во Капитол. Тоа е највисоката казна во овој случај досега.