1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСловачка

Словачка: Спор со Украина за гасот за да се одвлече внимание

Кено Верзек
3 јануари 2025

Словачкиот премиер Роберт Фицо предизвика сериозен спор со Украина поради прекинот на испораката на гас. Притоа, не станува збор за енергетската криза што се наѕира, туку за внатрешните политички проблеми на Словачка.

https://p.dw.com/p/4omuI
Словачкиот премиер Роберт Фицо и рускиот претседател Владимир Путин на 22 декември 2024 година во Москва
Словачкиот премиер Роберт Фицо и рускиот претседател Владимир Путин на 22 декември 2024 година во МоскваФотографија: Artyom Geodakyan/TASS/IMAGO

Во внатрешната политика на Словачка, прашањето за Украина веќе подолго време предизвикува тензии. Меѓутоа, премиерот Роберт Фицо, номинално социјалдемократ, а всушност десничарски популист, сега предизвика сериозен дипломатски конфликт поради прекинот на транзитот на гас во Украина.

Но, не станува збор за наводна енергетска криза во Словачка, туку за обид да се оттргне вниманието од внатрешните проблеми, како што се драстичната програма за штедење и продлабочувањето на кризите во коалицијата и во владата.

Тричлената коалиција на Фицо, составена од леви и десни популисти, е позната по својот проруски став откако ја презеде власта во октомври 2023 година. Сепак, премиерот досега главно ја поддржуваше политика за Украина на Европската унија.

Посета на Москва

Пресвртот почна да се гледа есента: на крајот на октомври Фицо ѝ даде интервју на озлогласената руска воена пропагандистка Олга Скабеева, позната по тоа што го повика Владимир Путин да ја нападне Европа со атомски бомби. Шармантно насмеан, тој ја критикуваше ЕУ за „продолжување на војната“ во Украина и вети дека ќе присуствува на парадата во Москва на 9 мај 2025 година, по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.

Фицо веќе отпатува за Москва на 22 декември и наводно на средбата со Путин разговарале за решавање на проблемот со гасот во Словачка. Бидејќи, Украина одамна најави дека на 1 јануари 2025 година, по истекот на актуелниот договор со Русија, трајно ќе го прекине транзитот на рускиот гас. Словачкиот премиер не соопшти детали од разговорот, а остана и нејасно како стигнал во Москва, односно по кој пат стигнал.

Зеленски: „Втор енергетски фронт против Украина“

Тие изјави предизвикаа чудење и огорченост во Киев. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини словачкиот премиер дека „отворил втор енергетски фронт против Украина по налог на Путин“. Остри критики за Фицо и неговата проруска политика стигнаа од редовите на словачката опозиција, како и од некои други земји од ЕУ, меѓу кои и од Чешка.

Факт е дека некои политичари од партијата на Фицо, Смер-СД, со години се познати по нивните проруски ставови, кои често предизвикуваа чудење. На пример, актуелниот министер за надворешни работи, Јурај Бланар, пред да ја преземе функцијата, беше еден од ретките членови на словачкиот парламент кој гласаше против резолуцијата за осуда на Русија за воени злосторства во Буча.

За споредба, Фицо важеше за умерен проруски претставник од неговата партија.

Транзитни такси за гас - двојна загуба

Сегашниот пресврт на Фицо веројатно е поврзан со бројните економски и домашни политички тешкотии на Словачка. Таа земја има еден од најголемите буџетски дефицити во еврозоната - во 2024 година изнесуваше околу шест отсто.

Порано, трговијата со руски гас значително го исполнуваше буџетот на Словачка. Освен што сама го користеше рускиот гас, Словачка беше и транзитна земја за другите европски земји, заработувајќи околу половина милијарда евра годишно од транзитни даноци. Тој извор на приход сега исчезнува.

Протест во Братислава на 23 декември 2024 година против посетата на премиерот Роберт Фицо на Москва
Протест во Братислава на 23 декември 2024 година против посетата на премиерот Роберт Фицо на МоскваФотографија: Radovan Stoklasa/REUTERS

Словачка веројатно ќе мора да ги зголеми цените на енергијата, бидејќи сега увезува гас од западните земји и плаќа транзитни такси за него.

Владата на Фицо, која дојде на власт ветувајќи многу олеснувања, беше принудена да воведе остри мерки за штедење и да ги зголеми даноците. Од 1 јануари 2025 година стандардната стапка на ДДВ е зголемена од 20 на 23 отсто, додека намалената стапка за многу групи производи е зголемена од десет на 19 отсто. Поголемите компании во иднина ќе плаќаат повисока стапка на данок. Намалени се и расходите за издршка на семејствата и на пензионерите.

Во контекст на широко распространетите проруски симпатии меѓу населението на Словачка, Роберт Фицо сега ја обвинува Украина и антируската политика на санкции на ЕУ за економските проблеми во неговата земја.

Предвремени избори?

Украина служи за одвлекување на вниманието и од друга причина: и онака хетерогената владејачка коалиција на Фицо со месеци минува низ длабока криза.

Група особено националистички и проруски политичари ја напуштија пратеничката група на најмалата коалициска партија, Словачката национална партија (СНС), во октомври 2024 година. Оттогаш, коалицијата има мнозинство во парламентот од само еден глас.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан (лево) и неговиот словачки колега Роберт Фицо
Унгарскиот премиер Виктор Орбан (лево) и неговиот словачки колега Роберт ФицоФотографија: LUDOVIC MARIN/AFP/Getty Images

Од друга страна, во партијата Хлас, втора по големина во коалицијата, има пратеници кои сметаат дека десничарската популистичка и проруска политика на Фицо е премногу радикална. Тие индиректно се закануваат со напуштање на коалицијата. Затоа како можно сценарио се разгледуваат предвремени избори.

Во меѓувреме, сè уште не е јасно како ќе заврши спорот со Украина и дали словачкиот премиер ќе ја исполни, па дури и ќе може да ја исполни својата закана да го прекине снабдувањето со електрична енергија за Украина.

Меѓутоа, едно е сигурно: прашањето за гасот може да стане и прашање за политичката иднина на Фицо и неговата влада.