Скопската баклава за германскиот претседател
5 август 2024Онаму каде што е политиката, тука е и храната, пишува германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, објаснувајќи дека негова авторка оди по стапките на политичарите и пробува јадења кои тие ги јаделе за време на нивните посети на одредени земји. Во најновиот текст од оваа серија авторката Фридерике фон Хаупт пишува за посетата на Скопје и баклавата која ја јадела во Старата чаршија, онаму каде пред нецели две години седеа германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и македонскиот претседател Стево Пендаровски. Текстот ви го пренесуваме во целост:
„Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер еднаш јадеше баклава во северномакедонскиот главен град Скопје. Овој мал светски настан остави траен впечаток. Можеби кај сојузниот претседател, но дефинитивно во Скопје. Тоа може да го доживее секој оној кој што овој јули ќе се прошета низ Старата чаршија на овој вчудовидувачки град, кој се смета и за главен град на кичот во светот, бидејќи пред само неколку години големи делови од центарот неволно беа обновени во стил кој ја карикира архитектурата на минатите векови, како дизнилендски Рим.
Но, старата чаршија е навистина стара, луѓето тука тргувале уште во 12 век. Кафулето ’Тако Мако’ не е толку старо, туку е прилично младо. Многу работи одат во прилог на тоа да се помине оттука. За германски очи, тоа не изгледа многу старински: името е врамено со логоа на Кока-Кола, а низ прозорецот може да се види нео-камена пештера со клупи од вештачка кожа во Честерфилд-стил. Но, на Балканот не му е грижа како Германците го замислуваат Балканот.
Факт е: во ’Тако Мако’ се служи баклава со фил од орев, слатка како шеќер. Ова на минувачите кои застануваат гледајќи во соседниот излог и зборуваат германски им го посочува братот на сопственикот. И тој има дуќан тука, продава скапоцени камења и накит. Но, тоа што им се обраќа на германските посетители не значи дека сака да им продаде скапоцени камења, туку гордо зборува за Штајнмајер. Дека бил тука. Во кафулето на брат му! Докази? Со задоволство. Го вади мобилниот и покажува фотографии: Штајнмајер на улица пред ’Тако Мако’, Штајнмајер внатре, на маса. И навистина, документирано е: во средата, на 30 ноември 2022 година, германскиот сојузен претседател во рамки на државната посета влезе во кафулето заедно со северномакедонскиот претседател, на чај и колачи.
Тоа е чест, вели братот со скапоцените камења. Сојузниот претседател, додава тој, е добар човек, Германија е добра земја. Звучи како сјајот на овој човек, оваа земја, да лежи како благослов над ’Тако Мако’. Ајде да навлеземе во тоа: каков вкус има ова пециво во кое уживаше германскиот претседател? Навистина, се покажува дека иако продавницата не се прикажува како старинска, со изложени ракотворби, таа е посветена на традицијата во многу поклучна област: подготвен е огромен послужавник со баклава. Продавачот го крева капакот и ги открива сјајните баклави. Тенкото тесто е добро натопено, заедно со него се служат и горчливо-слатки јаткасти плодови и топол чај. Навистина: вкусно! Кој и да го ставил ’Тако Мако’ на програмата на посетата на Сојузниот претседател, тој знае нешто за чајната дипломатија. Оваа закуска ве прави мирни и среќни“, пишува германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.