Скопје и Софија потпишаа договори од над три милиони евра
7 декември 2022Скопје и Софија ја зајакнуваат економската соработка, но најавуваат и позитивна политичка атмосфера во која што ќе се создадат услови за решавање на сите спорни прашања меѓу двете земји. Во таа насока, македонски и бугарски компании денеска во Скопје (7.12) потпишаа шест договори за меѓусебна размена вредни над три милиони евра во рамки на бизнис форумот што се одржува под покровителство на министрите за надворешни работи на двете земји. Договорите се од областа на винската индустрија и обезбедувањето и безбедноста.
Форумот го отворија министрите за надворешни работи Бујар Османи и Николај Милков,а на него учествуваат над 150 претставници од компании, стопанските комори и од економските институции на двете држави. Форумот се реализира под мотото „До една милијарда и понатаму“, во знакот на проекцијата од една милијарда евра трговска размена за оваа година меѓу двете земји. Во текот на последните две години трговската размена меѓу двете држави е зголемена. Во првите три квартали од годинава се бележи раст од над 50 проценти, а до крајот на годинава се очекува да се надмине прагот од една милијарда евра.
Трговска размена над милијарда евра
„Оваа година очекуваме трговска размена која надминува една милијарда, потврда на севкупните билатерални односи меѓу двете земји, а посебно на позитивната бизнис клима која од година во година станува сѐ поуспешна. Одлучни сме да го трасираме патот и да создадеме услови за поинтензивна трговска, инвестициска и туристичка соработка, за непречена реализација и развој на економските односи“, вели Османи.
Оваа економска соработка ќе доведе до позитивна атмосфера меѓу двете земји, во која што ќе можат да бидат решени сите прашања коишто стојат пред двете земји, вели шефот на бугарската дипломатија Николај Милков. Тој на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега рече дека постои голем интерес за надминување на сите препреки кои што стојат пред бизнисот.
„Оваа економска соработка ќе придонесе за развојот на нашите билатерални односи во разни области кои се многу актуелни денеска. Напорите за реализација на Коридорот 8 треба да продолжат“, вели Милков.
Осуда на провокациите
Тој најави заедничко чествување на Свети Климент Охридски, како резултат на договорот постигнат во мешовитата историска комисија и изрази поддршка за нејзината работа. Двајцата политичари го осудија говорот на омраза и провокативни и иредентистички изјави коишто можеа да се слушнат во јавноста изминатиот период.
Осврнувајќи се на проблемите во билатералните односи, Милков е категоричен дека бугарскиот политичар Костадин Костадинов не ја изразува националната позиција на Бугарија и нејзината Влада. „Мојот апел до медиумите во Македонија е да не бидат сконцентрирани кон политичарите кои даваат такви крајни искази. Битен е официјалниот став на Бугарија и ќе се радуваме ако го пренесувате тоа што го мисли мнозинството од бугарското општество и политичарите“, вели Милков. Бугарскиот пратеник и лидер на партијата „Преродба“ Костадин Костадинов пред десетина дена на отворањето на Културно информативниот центар на Бугарија во Скопје го повтори радикалниот став дека Македонија е „втора бугарска држава“.
Во однос на инцидентите околу спорните бугарски клубови коишто се отворија во Северна Македонија, бугарскиот министер се надева дека овие клубови во земјата ќе имаат можност да функционираат нормално.
„Нивниот број се зголемува, и тоа е според мене е добар знак затоа што гледаат можност во овој тип на организација да ги истакнуваат своите интереси поврзани со нивната етничка идентификација. Очекуваме од Северна Македонија да биде обезбедена нормална средина за функционирање на тие клубови во духот на разбирањето, да бидат мостови меѓу нашите две земји, да не бидат повод за дополнителни поделби и за говор на омраза. Очекуваме да има реакција и од страна на Владата, така што треба да се постигне едно европско решение и европско функционирање на овој вид здруженија“, рече Милков.