1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обидот за бакнеж и други проблеми на хрватската дипломатија

Игор Ласиќ
7 ноември 2023

Германските медиуми не престануваат да пишуваат за неприличниот бакнеж на хрватскиот министер Грлиќ Радман. Хрватска можеби може некако да се носи со гафовите, но не и со запоставувањето на нејзината надворешна политика.

https://p.dw.com/p/4YRqS
Конференција за Европа| Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман се обиде да ја поздрави својата германска колешка Аналена Бербок со бакнеж
Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман се обиде да ја поздрави својата германска колешка Аналена Бербок со бакнежФотографија: Jörg Carstensen/dpa/picture alliance

Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман повторно се најде во епицентарот на наголемо пренесувана афера, откако минатата недела на конференцијата на ЕУ во Берлин се сретна со својата германска колешка Аналена Бербок. Имено, за време на заедничкото фотографирање на учесниците, Грлиќ Радман се ракувал со неа и се обидел да ја бакне во образите, но таа се тргнала. Ваквиот неугоден гаф воодушеви дел од медиумите секогаш гладни за скандали, а нешто посериозните барем ги потсети на некои посуштински - значи политички - неуспеси и пропусти на министерот за надворешни работи на Република Хрватска.

Во крајна линија се поставува прашањето за целокупната хрватска надворешна политика, доколку ја води таков единствен функционер. Претходната афера беше секако потешка во таа смисла: министерството многу лошо ја заврши акцијата за згрижување на хрватските граѓани затекнати во Израел и Палестина по 7 октомври, како и комуникацијата со нив. Пред тоа во јавноста не помалку силно одекна еден друг настан: министерот во имотната книшка не пријавил милион и 600 илјади евра заработка од приватен бизнис. Се работеше за дивиденди од акциите на компанијата Агропротеинка, всушност кафилерија која работи и со државата.

Министерски бизнис со еутанизирани свињи

Тогаш се покажа дека државата продолжува да вложува многу пари во таа компанија, а најголем промет е забележан откако по директива се еутанизирани свињи во Славонија, поради појава на свинска чума. И онака револтираните селани и одгледувачи на свињи забележаа дека државното финансирање на фирмата на Горан Грлиќ Радман е веројатно најуредениот сегмент од оваа, инаку прилично хаотична, операција. Затоа, тој неприличен бакнеж изгледа како небитен испад во однос на другите проблеми во кои се најде овој министер.

Хрватска | Божо Ковачевиќ
Божо Ковачевиќ, предавач на Високата школа за дипломатија „Даг Хамарскјолд“ Фотографија: Telegram

„Мислам дека би било многу посоодветно наместо тоа да се зборува за надворешната политика што тој ја спроведува“, оцени за ДВ Божо Ковачевиќ, предавач на Високата школа за дипломатија „Даг Хамарскјолд“ во Загреб и поранешен хрватски дипломат. „Но, колку и да се обидува некој да ги одреди главните одредници на тоа, би се соочил со премногу непознати. Тие произлегуваат од фактот дека сите елементи на креирањето на надворешната политика, дефинирани со Уставот на Република Хрватска, не се вклучени во тој процес.“ Притоа доаѓа до затворање на каналите за комуникација во рамки на самите инстанци на власта во Република Хрватска, што потоа се одразува на изгледот на хрватската надворешна политика „на терен“.

Партиски агитатор против претседателот на Хрватска

„Нашиот министер за надворешни работи својата работа, односно хрватската надворешна политика, ја третира како еден вид партиска агитација против претседателот на Република Хрватска“, продолжува Ковачевиќ зборувајќи за една од повидливите активности на Горан Грлиќ Радман – критикување на Зоран Милановиќ. Според нашиот соговорник, министерот е преокупиран со потребата да покаже дека само владата ја креира хрватската надворешна политика, а претседателот нема никаква улога во тоа. Препукувањето со Милановиќ се вклопува, згора на сѐ, во „кровниот“ конфликт меѓу претседателот на Република Хрватска и премиерот Андреј Пленковиќ, но во него не се вклучени сите министри, туку само двајца-тројца.

Грлиќ Радман заедно со министерот за одбрана на Хрватска, Марио Баножиќ е предводник во тоа, па дури и медиумите во Хрватска кај него често препознаваат - додворување на премиерот. „Потоа, понекогаш му се случуваат смешни протоколарни пропусти, како овој најновиов, за кои потоа се зборува повеќе отколку за неговата политика“, заклучува Божо Ковачевиќ. Се наметнува прашањето зошто владата и премиерот поддржуваат таков министер - освен што го следи имиџ на додворувач - ако можеби не станува збор за своевидно откажување од надворешната политика како инвентивна дејност на една независна држава.

Гордан Грлиќ Радман
Гордан Грлиќ Радман е на мета на критики и поради својот начин на водење на надворешната политикаФотографија: Henry Nicholls/empics/picture alliance

Во тој случај, наместо за политика, би можело да се зборува за формално извршување на задачите, какви што може да врши и вршител на должност. Отприлика, изгледа како некој да заклучил дека со влезот на Хрватска во ЕУ и Шенген зоната можностите се исцрпени.

Непозната најблиска соработничка

Третман на надворешната политика сличен на овој опис секако може да му се припише и на односот на Грлиќ Радман кон дубиозите околу поранешната прва секретарка на хрватската амбасада во Германија, Елизабета Маѓаревиќ. Имено, нејзе минатата година ѝ беше даден отказ поради нејзините јавни расистички и хомофобни ставови, но дури три години откако ги објави. Министерот Горан Грлиќ Радман тогаш изјави дека не знаел за нејзините ставови за овие прашања, иако е прилично индикативен фактот дека таа му била најблиска соработничка додека тој бил амбасадор во Германија.

Хрватска | Томислав Јакиќ, надворешнополитички аналитичар
Томислав Јакиќ, надворешнополитички аналитичарФотографија: privat

За сето ова разговаравме и со надворешнополитичкиот аналитичар Томислав Јакиќ, новинар и публицист кој, меѓу другото, седум и пол години беше советник за надворешна политика на претседателот на Република Хрватска, Стјепан Месиќ. „Ниту со најдобра волја не можам да се сетам дека во тие седум и пол години некогаш сум го забележал името на денешниот хрватски министер за надворешни и европски работи“, ни изјави тој, забележувајќи дека инаку на неговата работна маса секојдневно доаѓале извештаи на дипломатските претставници на Хрватска од сите краеви на светот. „Значи“, додава Јакиќ, „не го ни забележав, а да не зборуваме за тоа дека ќе го паметам по нешто или дека во функција на советник на претседатело сум бил во контакт со него. Толку за тоа дека Горан Грлиќ Радман спаѓа во рангот на истакнати хрватски дипломати“.

Човек без профил

„Значи, кога беше назначен за шеф на ресор“, продолжува овој аналитичар, „не знаев ништо за него, ниту знаев што да мислам за него. Тоа и денес не го знам. Беше и останува човек без профил. Следам, се разбира, што зборува и што прави. Не можам да се сетам на ниту една прилика во која постапил така за да си речам: ова е вистинскиот министер за надворешни работи, вака се застапуваат, презентираат и бранат хрватските интереси на меѓународната сцена. Мојот впечаток, како набљудувач од страна, е дека Гордан Грлиќ Радман е послушен, да не речам услужен извршител на налозите и инструкциите што ги добива, дека ги извршува без размислување. Како таков, тој очигледно му одговара на актуелниот премиер“, заклучува Томислав Јакиќ.

Воедно, ова е најсериозната и најболната констатација во однос на хрватската надворешна политика, кога е во прашање министерот за надворешни работи. Хрватска уште некако и може да се справи со ексцесите како оној со неприличниот бакнеж во Берлин, или комичниот гаф кога Грлиќ Радман на крунисувањето го нарече новиот британски крал Чарлс со француската варијанта на неговото име - „Шарло“. Многу потешко ќе се поднесе запуштеноста на надворешната политика, во која сегашниот министер, за жал, е изгледа само симптом на општата состојба на работите.