1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сиљановска го крши мразот со Радев

13 септември 2024

Со оглед дека Скопје и Софија подолго време разменуваат аргументи на висок тон, одењето на Сиљановска во бугарската метропола може да се смета за добра вест.

https://p.dw.com/p/4kZxZ
Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во Софија ќе се сретне со својот бугарски колега Румен Радев
Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во Софија ќе се сретне со својот бугарски колега Румен Радев Фотографија: North Macedonia President

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска (13.09.2024) ќе биде во посета на Софија, каде ќе присуствува на операта „Набуко“ од Џузепе Верди, во изведба на Националната опера и балет на нашата земја. Во рамки на посетата, Сиљановска Давкова во Софија ќе оствари средба и со претседателот на Бугарија, Румен Радев.

Во македонската делегација ќе биде министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков. 

Официјална потврда за средба на двата претседатели, стигна и од нивните кабинети. Посетата е дел од зајакнување на културната дипломатија меѓу двете земји, при што се истакнува значењето на културната размена како мост во меѓународните односи, се вели во соопштението на кабинетиот на Силјановска Давкова.

Односите меѓу Македонија и Бугарија се затегнати веќе подолго време поради блокадата што нѝ ја наметна соседната земја на евроинтеграцискиот пат. Сиљановска и Радев беа на 24 мај во Рим на чествувањето на споменот на „Свети Кирил и Методиј“ но тогаш немаа средба иако македонската страна ја очекуваше. 

„Владата на Република Северна Македонија се уште не ја напуштила предизборната реторика. Нека се вратат на реализмот. Нашите односи ќе се засноваат на склучените договори. Очекуваме РСМ да ги исполни сите свои обврски – и кон нас и кон Европската Унија. Ние строго го следиме протоколот, на ред сум сега јас да дојдам во официјална посета на Република Македонија“, изјави бугарскиот претседател Румен Радев пред денешната средба со Сиљановска. „Очекувам искажаната желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката Сиљановска да стане конзистентна политика и на Владата на Република Северна Македонија“, рече тој. 

Премиерот Христијан Мицкоски во четвртокот (12.09.2024) во одговор на новинарско прашање што очекува од средбата Сиљановска-Радев денеска во Софија, рече дека државава сака да гради добрососедски односи.

„Ќе продолжиме да градиме добрососедски односи. Нашето мото е дека туѓото не го сакаме, своето не го даваме, а градењето добрососедски односи е европска вредност и треба така да продолжиме. На работна посета кај мене беше претседателот на Владата на Косово, Албин Курти, во периодот којшто следи договараме и со премиерот на Албанија, посета во Тирана или во Скопје, договараме и со премиерот на Република Србија посета во Скопје. Претпоставувам во периодот што следи ќе има слични такви посети и со Мицотакис и со премиерот на Бугарија. Ние се видовме на Самитот на НАТО во САД. Нашата цел е да градиме добрососедски односи и така и ќе продолжиме. Имаме наши позиции по однос на нашите интереси. Ние ќе се бориме за нашите интереси како држава и не треба ништо да биде чудно", рече Мицкоски.

Премерот Христијан Мицкоски и шефицата на државата Гордана Сиљановска-Давкова
Премерот Христијан Мицкоски и шефицата на државата Гордана Сиљановска-ДавковаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Потенцијал за разговори

Поранешниот амбасадор на Македонија во Бугарија, Марјан Ѓорчев за ДВ изјави дека посетата и средбата се израз на македонската политичка култура во градењето на добрососедски односи.

„Тоа покажува дека надворешната политика на Македонија има дефинирано цели и стратегија за градење на интеракциски однос со бугарската држава на билатерален план. Особено е значаен нагласокот на претседателката Давкова дека посетата на Бугарија ќе биде јавна дипломатија, односно културна дипломатија – што е според мене еден своевиден индекс за здравјето на политичката мисла на нашата држава. Со тоа нашата претседателка ја покажува пред нејзиниот бугарски колега високата македонска политичка култура и нејзиниот карактер“, изјави Ѓорчев за ДВ.

Дипломатски извори со кои разговараше ДВ велат дека одењето во Софија и средбата со Радев е „да покажеме дека има потенцијал за разговори на достоинствен и цивилизиран начин“. „Имаме сериозни проблеми со Бугарија но има и работи што нѐ поврзуваат. Целта на средбата е да направиме чекор и гест, загревање на односите во позитивен правец“, велат дипломатите.

Дали Сиљановска во распоредот на силите во државниот врв ја има функцијата да ја одржува нишката на односите со Бугарија додека Владата покажува поригиден став, е рано да се каже. Таа на првото појавување во јавноста по стапувањето на претседателската функција, присуствуваше на бугарската изведба на операта „Валкира“ („Die Walküre") од германскиот композитор Рихард Вагнер, која се одржа во Скопје. „Не мислам дека минатото ни е романтично, ни вашето ни нашето, но мораме да живееме денес и да работиме за иднината“, рече тогаш Сиљановска. На прашањето дали нејзиното присуство е знак на пријателство, претседателката потврди: „Да, ова е еден чекор. Верувам во културната дипломатија и верувам дека е посилна од традиционалната дипломатија".

Поранешниот амбасадор на Македонија во Бугарија, Марјан Ѓорчев
Поранешниот амбасадор на Македонија во Бугарија, Марјан ЃорчевФотографија: Petr Stojanovski/DW

Соговорникот на ДВ, амбасадорот Марјан Ѓорчев ја апострофира културата како безбеден мост во услови на жешки прашања меѓу Македонија и Бугарија. „Намерата на ваквиот пристап во дијалогот со нејзиниот бугарски колега Радев е да се употреби културната дипломатија како мека сила чија основна вредност е културата, вредностите, и легитимната македонска надворешна политика. Со употреба на оваа форма на нетрадиционална дипломатија се избегнува политичката стапица околу прашањата кои избија во последните години по потпишувањето на Договорот за добрососедство на 1 август 2017 година“, вели тој.

 Во Бугарија речиси молк

Со оглед дека Скопје и Софија подолго време разменуваат аргументи на висок тон, одењето на Сиљановска во бугарската метропола, макар и за присуство на оперска изведба, е добра вест, и предизвика внимание кај политичките фактори. Амбасадорката на САД Анџела Агелер смета дека е добро што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе оди во Софија. Таа во гостување во централниот дневник на телевизија „Сител“ рече дека колку државите соработуваат како соседи, толку поголем ќе биде напредокот за сите граѓани. 

„Според мене е одлично што претседателката оди во Бугарија на покана на претседателот Радев. Овие врски во регионот се многу важни, бидејќи сте соседи. Колку се посилни односите меѓу соседите, толку побезбедна, попросперитетна и стабилна може да биде секоја земја", рече Агелер.

Сиљановска-Давкова оди во посета на Софија на покана на бугарскиот претседател Румен Радев
Сиљановска-Давкова оди во посета на Софија на покана на бугарскиот претседател Румен РадевФотографија: BGNES

Во Бугарија, пак, на овој настан, барем досега, не му се придава особено значење, освен што е „регистриран“ во медиумите. Таму повеќе се говори за смената на членовите во Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, за која „24 часа" пренесува разговор со новинар кој вели дека е тоа „убиство“ на Комисијата.

Реакцијата дојде откако Владата ги смени претседателот на Комисијата Драги Ѓоргиев и пет други членови и на нивно место назначи нови, но останаа и дел од претходните.

Последен пат кога Румен Радев беше во посета на Македонија беше во февруари 2018 година. Тогаш тој дојде во дводневна посета на Скопје на покана на тогашниот претседател Ѓорге Иванов. Посетата беше првата официјална посета по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, кое се случи една година претходно.

 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар