Северна Македонија во вечната чекалница на ЕУ
5 октомври 2024„’Како да го чекаме Годо’ - вака претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова неодамна ги опиша навидум безнадежните изгледи на нејзината земја за пристап во ЕУ, “ пишува новинската агенција КНА во текстот посветен на долгиот пат на земјата кон членство во ЕУ, продолжувајќи:
„За неколку дена, соседна Албанија, која ги започна пристапните преговори во 2022 година заедно со Северна Македонија, се очекува да ги отвори првите преговарачки поглавја со Брисел. Меѓутоа, со Северна Македонија, процесот засега е ставен на мраз, бидејќи решавачката уставна промена досега изостана. Во Скопје се чувствуваат оставени на цедило.
Во фокусот на спорот е балканскиот сосед Бугарија, која е членка на ЕУ од 2007 година. Софија сака да го отвори патот кон Унијата само кога Северна Македонија ќе го признае бугарското малцинство во земјата како еден од нејзините 'основачки народи'. За тоа е потребна уставна промена, која мнозинството Македонци ја отфрлаат.
Со изборната победа на десничарската конзервативна ВМРО-ДПМНЕ во мај, пристапот во ЕУ повторно изгледа многу далеку. Сепак, Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика во Скопје, претпоставува дека тоа би било случај и со друга влада. Зашто, за промена на Уставот е потребно двотретинско мнозинство.
Премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски во основа нема ништо против уставна промена, меѓутоа тој повикува на дополнителни гаранции за неговата земја. Скопје веќе направи премногу отстапки без да го унапреди пристапниот процес, кој трае веќе две децении. Во тоа спаѓа промена на името од 'Македонија' во 'Северна Македонија' - чекор за ослободување од ветото на Грција. Во однос на Бугарија, Мицкоски бара клаузула која гарантира дека уставната промена ќе стане валидна само кога бугарскиот парламент ќе даде зелено светло за пристапување.
Според Даниел Браун, раководител на бирото на фондацијата 'Конрад Аденауер' во Скопје, стравот на Мицкоски од понатамошни барања од Бугарија не е неоснован: 'Сè уште има изјави од врвни бугарски политичари кои отворено велат дека само уставните промени не се доволни.' Во Скопје луѓето реагираа со разочарување, вели Браун: 'Затоа што во перцепцијата на Македонците, тие се претекнати од Албанија.'
Јоргос Кристидис, експерт за балкански прашања на Универзитетот Македонија во Солун, го гледа развојот како 'значителен амортизер за надежите и напорите на проевропскиот блок во Северна Македонија'. Лидерот на социјалдемократската опозиција Венко Филипче дури зборува за политичка катастрофа: 'За жал, оваа пропуштена шанса ќе погоди многу семејства и една сосема нова генерација.'
Во меѓувреме, Браун потсетува дека приемот на Северна Македонија и Западен Балкан во ЕУ исто така би бил во интерес на Германија: 'Ако Европската унија не успее да ги интегрира овие земји, другите геополитички актери ќе ја пополнат оваа празнина'. Дури неодамна, австрискиот дневен весник 'Стандард' објави за можното учество на Русија во уништениот сон на Северна Македонија за ЕУ. Факт е дека Русија до денес негува историски односи со Бугарија. Пристапувањето на Северна Македонија во НАТО во 2020 година веќе беше трн во окото на Кремљ.
Според експертот Кристидис, степенот на руското влијание во Северна Македонија е тешко да се процени. 'Она што е сигурно, сепак, е дека разочарувањето расте кај етничките Македонци, создавајќи плодна почва за евроскептицизам - и за ширење на ставови кои заговараат алтернативен геополитички курс за земјата.'
Балканот со векови се смета за политичко игралиште за големите сили. Покрај Русија, Кина, САД, ЕУ и Турција, веќе неколку години своето влијание го прошируваат и арапските заливски земји. Дали сега им се придружува нов играч? Барем тоа би можело да го има на ум унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој понуди да биде посредник во спорот меѓу Скопје и Софија. Одлуката за раздвојување на Северна Македонија и Албанија во процесот на пристапување тој ја опиша како 'историска грешка' и нагласи дека сака да го искористи актуелното унгарско претседавање со Советот на ЕУ за да постигне компромис.“