1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСеверна Кореја

Северна Кореја продолжува со атрилериски вежби на границата

ЕМФ / дпа
6 јануари 2024

Севернокорејската армија, според наводи на Јужна Кореја, втор ден по ред лансира артилериска муниција во близина на поморската граница помеѓу двете земји.

https://p.dw.com/p/4avVC
Јужнокорејска телевизија информира за исфрлањето гранати од страна на Северна Кореја
Јужнокорејска телевизија информира за исфрлањето гранати од страна на Северна КорејаФотографија: Jung Yeon-je/AFP

Од западниот брег на Северна Кореја денеска (6.01) во морето се испалени околу 60 гранати, соопшти Генералштабот на армијата на Јужна Кореја. Гранатите, како што се вели, паднале во воена тампон зона во Жолтото Море. Генералштабот на јужнокорејската армија ја обвинува Северна Кореја за заострување на тензиите. „Остро ја предупредуваме Северна Кореја од натамошен артилериски оган во поморската тампон зона“, соопштено е од Сеул.

Во текот на вчерашниот ден двете земји одржаа артилериски вежби во пограничната област. Војската на Јужна Кореја одговори на севернокорејското истрелување на околу 200 гранати со стрелачки вежби на два острова во близина на границата. Северна Кореја подоцна соопшти дека нејзините вежби биле одговор на артилериската обука на Јужна Кореја на нејзината граница во последните денови. Од жителите на јужнокорејските острови Јеонпјеонг и Баенгјеонг беше побарано да се засолнат поради артилерискиот оган од Северна Кореја.

Јеонпјеонг беше мета на севернокорејски артилериски напад во 2010 година. Областа околу поморската граница во минатото повеќепати беше сцена на битки меѓу воени бродови од двете земји. Таканаречената северна гранична линија (NLL), која беше нацртана еднострано од команда на ОН по Корејската војна (1950-1953), не е призната од Северна Кореја.