Се шири кругот на заразени со хеморагична треска
8 август 2023Се шири кругот на заразени со конго-кримска хеморагична треска. Болничарка од Скопје е вториот случај на заразен со конго-кримска хеморагична треска. Санитарната инспекција стави уште 11 лица под здравствен надзор поради ризик од ширење на болеста. Првиот случај беше лоциран кај 27-годишна девојка од Штип, која почина неодамна. Надлежните уверуваат дека нема простор за паника. Портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ вели дека не очекуваат да има повеќе случаи на конго-кримска хеморагична треска во блиска иднина.
„Не очекуваме да има повеќе случаи, меѓутоа ова не е првпат да се јавува во државава ваков тип на заболување. Дека го имало во минатото – го имало, дека се појавува во регионот – се појавува, дека ќе има вакви инцидентни појавувања – ќе има. Меѓутоа, тоа не значи дека сме на раб на избивање на нова епидемија што ќе ги загрози сериозно животот и здравјето“, вели Мехмедовиќ во изјава за МИА.
Втор случај
Почетокот на болеста е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, болки во зглобовите, болки во стомакот и повраќање. Токму вакви симптоми биле забележани кај болничарка од Клиниката за инфективни болести во Скопје, која имала контакт со пациент со среден ризик. Пациентот бил хоспитализиран на клиниката, на одделот за епидемиологија на заразни болести при Институтот за јавно здравје Скопје.
„По потврдување на случај на конго-кримска хеморагична (ККХТ) треска кај жена на 27 годишна возраст, надлежните здравствени институции постапија согласно препораките на СЗО. Стручен тим од Одделот за епидемиологија на заразни болести при Институтот за јавно здравје на Северна Македонија, во соработка со надлежни епидемиолози од Центрите за јавно здравје на Штип и Скопје, направија теренско истражување во клиничка болница Штип, Итна медицинска помош Штип и во семејството на почината жена. Стручен тим епидемиолози направија теренски увид и на Клиниката за инфективни болести во Скопје“, посочија од Министерството за здравство.
Проверка на сите контакти
На сите овие локации епидемиолозите направиле пребарување на контактите и сите кај кои е утврден ризик се ставени под 14-дневен здравствен надзор. Еден од вработените на Клиниката за инфективни болести, кој бил идентификуван како контакт со среден ризик, на деветтиот ден од надзорот, пројавил симптоми и веднаш е хоспитализиран.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) стави под надзор уште 11 лица од здравствен ризик за да се спречи ширење на конго-кримската хеморагична треска.
„Издадени се решенија за надзор за 10 члена на семејството на вработената на Клиниката за инфективни болести, како и за една нејзина колешка. Тие ќе бидат под здравствен надзор во следните 14 дена. За првиот случај на заболен беа издадени 29 решенија за надзор, меѓу кои беше и вработената на Клиниката за инфективни болести. Сега со новите решенија, вкупно 40 луѓе се под здравствен надзор“, посочија од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Првите симптоми
Должината на периодот од заразување до појава на симптоми зависи од начинот на стекнување на вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот е обично еден до три дена, со максимум од девет дена. Периодот по контакт со заразена крв или ткива е обично пет до шест дена, со документирани максимум 14 дена.
„Почетокот на болеста е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, болки во зглобовите, болки во стомакот и повраќање. Црвени очи, зацрвенето лице, црвено грло, и црвени дамки на непцето, се исто така присутни. Може да се јави жолтица, а во потешки случаи, промени во расположението. Како што напредува болеста, на телото на заболениот се јавуваат големи делови со модрици, како и крварење од носот. Закрепнувањето е бавно“, велат од Министерството за здравство.