1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Сѐ повеќе деца со опасни болести на дишните патишта

Гудрун Хајзе
6 декември 2022

Во Германија забрзано се шири вирус кој ги погодува дишните патишта. Со него најчесто се инфицираат бебиња и деца, за нив може да биде опасен по живот. Болниците се доведени на границите на своите можности.

https://p.dw.com/p/4KXJW
Исклучително голем број деца заразени со РС вирус во Германија
Исклучително голем број деца заразени со РС вирусФотографија: Marijan Murat/dpa/picture alliance

Лекарските ординации во Германија се полни со пациенти кои кашлаат, шмркаат и лошо се чувствуваат. Според податоците на Институтот Роберт Кох (РКИ), оваа година околу девет милиони луѓе имале различни болести на дишните патишта. Не е невообичаено бројот на инфекци во зимските месеци да расте, но годинава бројката е екстремно висока и го доведува медицинскиот персонал на границата на неговите можности. Бројот на заболени драстично расте во најкраток рок.

Познати се вкупно околу 200  различни причинители за настинки.  Четири од нив, истакнува РКИ, моментно се посебно раширени низ Германија и Европа: вируси на  грип,  риновируси,  САРС-Ков-2  и респираторниот синцитиален вирус (РСВ), кој пред сѐ е опасен за новородените и малите деца.

РСВ може да предизвика тешки заболувања

Многу новороденчиња и мали деца кои се заразуваат со РСВ имаат толку тешки симптоми што мора да бидат задржани во болница и завршуваат на респиратори. Во одделни германски региони моментално нема веќе слободни кревети на детските одделенија во болниците.

РСВ е сезонски вирус и предизвикува бронхиолитис, од што првенствено заболуваат деца помлади од две години. Вирусот доведува до запаление и отоци, а со тоа и стеснување на дишните патишта. Поради тоа стестнување во белите дробови стигнува помалку воздух, па може да дојде до нивно запаление и отежнато дишење. 

Во бронхиите се создава слуз. Типични симптоми се и зголемена температура и кашлање, а кај одделни деца кашлицата е исклучително тешка и може да го загрози животот на малиот пациент.

Наспроти тоа, возрасните најчесто заразата со РСВ ја преболуваат без поголеми проблеми, освен ако претходно немале опасни заболувања од типот на астма или ослабен имунолошки систем.

На удар на РСВ се посебно бебињата и малите деца
На удар на РСВ се посебно бебињата и малите децаФотографија: Matej Kastelic/Zoonar/picture alliance

Коронавирусот остави последици 

Во најжешките фази на пандемијата на коронавирус, вирусните настинки беа ретки.Зашто, мнозинството луѓе строго се придржуваа кон хигиенските правила кои вклучуваат често миење раце, носење заштитна маска и држење растојание. Поради тоа беше значително отежнато ширењето на сите видови вируси.

Оваа есен и зима мерките против коронавирусотвеќе не се толку строги, па вирусните настинки ги погаѓаат сите оние деца кои досега беа поштедени. Сега нагло расте бројот на заболени. Заболуваат многу бебиња и мали деца кои последните две години немале никаква заразна болест. Дел од нив сега ја доживуваат својата прва настинка во животот. 

Многу деца досега немале шанса за развивање антитела против РСВ или други вируси. Поради строгите хигиенски мерки за време на пандемијата на Ковид-19, децата воопшто не се среќаваа со вируси на настинка. Затоа сега бројот на заразените расте. 

Кога треба да се отиде кај лекар? 

За родителите на заболени деца често знак за тревога е ако детето има потешкотии при дишење или ако при дишењето се слушаат гласни звуци. И свирењето во белите дробови, како и некој вид пукање можат да упатуваат на заболување на дишните патишта, на пример на зараза со РСВ. Институтот Роберт Кох истакнува дека децата заразени со респираторен синцитиален вирус често не чувствуваат глад и жед или повраќаат. 

Причините за симптомите и сериозноста на заболувањето најдобро можат да ги утврдат лекарите. Значи, во вакви ситуации најважно е детето да се одведе кај педијатар, па дури и ако моментално во Германија не е лесно да се најде ординација во која има слободни капацитети.

РКИ веќе сега предупредува дека идните недели и месеци може да дојде до натамошно зголемување на бројот на заболени во цел свет. Значи, не е погодена само Германија. На пример, во Франција уште на почетокот на ноември е донесен план за сузбивање на бронхијалните заболувања, а наскоро би можеле да следат и други земји.