1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ: На висока функција само со македонско државјанство

ДТЗ
1 ноември 2024

Ваквата иницијатива на опозициската СДСМ следи откако во јавноста се појавија информации дека министерката за енергетика Сања Божиновска има бугарско државјанство

https://p.dw.com/p/4mUTd
бугарски пасош
Ваквата иницијатива следи откако во јавноста се појавија информации дека министерката за енергетика Сања Божиновска има бугарско државјанство Фотографија: BGNES

СДСМ најавува иницијатива за законски измени со кои ќе се постави јасен услов, премиер, вицепремиери, министри и пратениците да можат да бидат лица кои поседуваат само македонско државјанство. Ваквата иницијатива следи откако во јавноста се појавија информации дека министерката за енергетика Сања Божиновска наводно има бугарско државјанство, што таа во неколку наврати го демантираше. 

Во одбрана на Божиновска застана и премиерот Христијан Мицкоски кој во четвртокот (31.10) од собраниска говорница на опоицијата и порача дека министерката Сања Божиновска е многу поголема Македонка од сите нив заедно. 

Законски измени и за актуелни функционери 

Но, од СДСМ се децидни дека Божиновска не ја кажува вистината, поради што ќе бараат ваквите измени да важат и за актуелните функционери. 

„Бидејќи Мицкоски вели дека имало поголеми Македонци и помали, а Божиновска била најголема Македонка, тие измени ќе бараме да важат веднаш, од актуелниот состав. Нашите институции мора да ги водат луѓе кои имаат само една држава, и лојалност кон само една држава, кон Република Северна Македонија. Време е оваа Влада да покаже дали сака вистински патриотизам или ќе се служи со лажниот и понатаму“, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска. 

Влада
СДСМ бара законските измени да важат и за актуелните функционери. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Таа вели дека партискиот став е јасен: политичарите мора да бидат лојални на народот, на државата и на иднината на оваа земја. „Затоа, бараме веднаш Божиновска да поднесе оставка и повикуваме сите граѓани да ја поддржат оваа иницијатива за да осигураме дека само луѓе кои искрено стојат зад државата ќе можат да ја водат државата“, рече Кузеска на прес-конференција.  

Бугарско државјанство од економски причини 

Деновиве бугарската агенција БГНЕС објави документ од декларацијата со која актуелната министерка за енергетика Сања Божиновска во октомври 2004 година изјавува дека има бугарска самосвест. 

Божиновска, пак, не отстапува од тврдењето дека во моментот не поседува валидни бугарски документи. Таа наведе дека побарала отпуст од бугарското државјанство на 14 септември минатата година, а го земала поради економски причини. 

Според опозициската СДСМ, нејзиното тврдење дека бугарско државјанство добила за економски причини е далеку од вистината. „Бугарија не беше членка на ЕУ во 2004 година, кога Божиновска го добила државјанството. Економските можности во Бугарија беа послаби од оние во Македонија во тоа време. Ако економски мотиви не се причината, тогаш прашањето е: кои се вистинските мотиви? Дали навистина има бугарски национални чувства кои ја мотивирале на ваков чекор?“, прашуваат од партијата.