1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ со 200 амандмани ќе го кочи предлог буџетот за 2025-та

ДТЗ
13 ноември 2024

Венко Филипче оцени дека предлог буџетот за 2025 година е „нереален, неразвоен и недомаќински, скроен да ги задоволи само предизборните активности“.

https://p.dw.com/p/4mx5M
Венко Филипче
Венко Филипче најави 200 амандмани за предлог-буџетотФотографија: Petr Stojanovski/DW

СДСМ нема да го поддржи предлог-буџетот за 2025 година, којшто го изготви Владата. Лидерот на опозициската партија, Венко Филипче најави дека ќе поднесат 200 амандмани со цел подобрување на клучните фискални политики.

„Преку овие амандмани предлагаме зголемување на платите во јавниот сектор, посебно во образованието, полицијата и за пожарникарите, како и инвестиции во напредни технолошки средства за подобрување на безбедноста на граѓаните,“ рече лидерот на СДСМ на прес-конференција во Скопје. 

„Предлог буџетот е недомаќински“ 

Филипче оцени дека предлог буџетот за 2025 година е „нереален, неразвоен и недомаќински, скроен да ги задоволи само предизборните активности“. „ Тој ќе биде генератор на нови долгови и најавува изгубена година за економијата и за граѓаните“, вели претседателот на СДСМ. 

буџет, пари
СДСМ нема да го поддржи предлог-буџетот за 2025 годинаФотографија: picture-alliance/K. Ohlenschläger

Според него, предвидениот раст на БДП од 3,7% за 2025 година нема да може да се оствари, со што овие бројки нема да донесат реален економски раст, туку зголемување на јавниот долг.

„Ќе трошиме повеќе од тоа што заработуваме, а долгот ќе мора да го враќаме во иднина, веројатно со повисоки даноци или со кратење на пари за подобри јавни услуги. Долгот ќе расте, што ја потврдува нашата грижа дека ова Влада е влада која планира да ги задолжи граѓаните за следните три поколенија“, оцени Филипче. 

Во однос на заемот од Унгарија, лидерот на СДСМ вели дека премиерот Христијан Мицкоски треба да каже, зошто се создава ризик од двојно плаќање камата и потенцијална нееднаквост меѓу компаниите и општините. „Второ, зошто со парите на граѓаните ќе ги враќа и плаќа два пати каматите за кредити?“, вели Филипче.  

Што предлага СДСМ? 

Опзоциската СДСМ предлага зголемување на платите во јавниот сектор, особено во образованието, полицијата и на пожарникарите. Исто така, се предлага во Министерството за внатрешни работи покачување на платите за 20%, како и распределба на пари за набавка на напредни технолошки средства за зголемување на безбедноста на граѓаните.

„Амандманите што ги поднесуваме, а коишто се однесуваат на буџетот за Министерството за здравство, имаат за цел значително да ја подобрат медицинската инфраструктура и услугите. Тие вклучуваат набавка на нова медицинската опрема, зајакнување на капацитетите на Итната медицинска помош, едукација и доусовршување на лекари и медицински персонал“, вели тој.

Се предлагаат  и амандмани за енергетика и животната средина, значајни субвенции за транспортни компании кои ќе преминат на електрични возила, како и за домаќинствата кои ќе инсталираат фотоволтаици. Дополнително, предлагаме и средства што ќе се искористат за поддршка на проекти за производство на електрична енергија од водород.

Според Филипче, со овие амандмани ќе придонесат кон поефикасно искористување на буџетските средства и ќе овозможат вистински економски и социјален напредок.