1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСаудиска Арабија

Саудиска Арабија претседавач со Комисија за статус на жените

ЕМФ / дпа
28 март 2024

Саудиска Арабија го презема претседавањето со Комисијата на Обединетите нации за статусот на жените. Мандатот трае една година.

https://p.dw.com/p/4eDdW
Саудиска Арабија Абдулазис Алвасил
Саудискиот амбасадор Абдулазис Алвасил ќе биде нов претседавач на Комисијата на ОН за статусот на женитеФотографија: Andrea Renault/AFP/Getty Images

Членовите на Комисијата на Обединетите нации за статусот на жените со акламација одлучија саудискиот амбасадор Абдулазис Алвасил да биде нов претседавач на ова тело. Мандатот трае една година.

На состанокот на Комисијата, актуелниот претседавач од Филипините како единствен кандидат го претстави саудискиот амбасадор. „Може ли да претпоставам дека Комисијата би сакала да го избере неговата екселенција Абдулазиз Алвасил од Саудиска Арабија со акламација за претседател на Комисијата на својата 69-та седница?“ ги праша тој членовите на Комисијата од 45 земји. „Не слушам никакви приговори. Значи, така е одлучено“. Одлуката беше дочекана со краток аплауз. Од групата „Западна Европа и други земји“ не дојде никакво противење. Оваа група во моментов во Комисијата ја претставуваат Австрија, Израел, Лихтенштајн, Холандија, Португалија, Шпанија, Швајцарија и Турција.

Ваквата одлука на Комисијата на Обединетите нации за статусот на жените предизвика шок во организацијата за човекови права Амнести Интернешнал. „Ова за нас е шок, иако не може да се каже дека е и изненадување“, изјави Натали Венгер од Амнести Швајцарија, која меѓу другото е задолжена за прашања кои се однесуваат на Саудиска Арабија.

Саудиска Арабија жени
Саудиска Арабија е рангирана на 132 место од 146 земји во извештајот на Фондацијата на Светскиот економски форум (СЕФ) за 2023 година за родова еднаквостФотографија: Fayez Nureldine/AFP/Getty Images

Саудиска Арабија води кампања за поправање на имиџот со многу пари со цел да се претстави како модерна земја. „Но, ова се гестови кои немаат никаква суштина“, вели Венгер, додавајќи дека таму постојано се прекршуваат правата на жените. Амнести во својот извештај штотуку го спомена случајот на мајка на две деца која додека ја пишувала својата докторска дисертација на платформата Х објавувала постови со заложба за правата на жените и која поради тоа е осудена на 27 години затвор. Земјите кои преземаат претседателство во комисиите на ОН мора да служат како пример, нагласува Венгер: „Затоа сметаме дека ова претседателство е трагично“.

Саудиска Арабија е апсолутна монархија, во која владее кралското семејство со ултраконзервативно толкување на исламот. Таа е рангирана на 132 место од 146 земји во извештајот на Фондацијата на Светскиот економски форум (СЕФ) за 2023 година за родова еднаквост.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема