1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еден македонски државјанин побарал евакуација од Израел

ДТЗ
15 април 2024

Од Иран, засега, ниту еден македонски државјанин не побарал евакуација, вели шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, по ескалацијата на ситуацијата на Блискиот Исток.

https://p.dw.com/p/4emtU
Тел Авив Израел
Само еден македонски државјанин побарал евакуација од Израел, вели ОсманиФотографија: Hannah McKay/REUTERS

Само еден македонски граѓанин досега побарал да биде евакуиран од Израел, по нападот на Иран врз Израел. Тој се пријавил во амбасадата во Израел, каде му е издаден патен лист за да може да ја напушти државата. Од Иран, засега, ниту еден државјанин на Македонија не побарал евакуација. Ова се информациите коишто ги сподели денеска (15.04) со медиумите шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, по ескалацијата на ситуацијата на Блискиот Исток.

Според сознанијата на МНР, во Израел има околу 40 до 50 македонски државјани. Османи вели дека се јавиле и од една компанија на СОС-телефонот во Скопје за четворица вработени кои се во Израел, со цел да бидат навреме извлечени доколку се влоши ситуацијата.

Насоки

Османи дал насока до македонскиот амбасадор во Израел неговите деца да ја напуштат земјата, но откако утринава разговарал уште еднаш со него и со оглед дека училиштата повторно биле отворени, а состојбата е во моментот стабилна, сепак решиле тие да останат и да ја следат состојбата. Во однос на студентите од Јордан кои сакале да се вратат во земјата, во моментот, вели Османи, нема некој притисок или барање од други држави на Блискиот Исток за евакуација, бидејќи ситуацијата е во статус кво.

Покрај амбасадата во Тел Авив, на македонските граѓаните на располагање им стојат и амбасадите во Каиро, Абу Даби и Катар.

напад Израел
Министерство за надвореши работи формираше кризен штаб за извлекување на македонските државјани кои се наоѓаат во Израел, откако Иран со дронови и ракети го нападна ИзраелФотографија: Ayal Margolin/JINI/XinHua/picture alliance

Шефот на дипломатијата оценува дека ситуацијата на Блискиот Исток е делумно стабилна и се придружи на повиците до Израел да не возврати на нападот на Иран „за да се спречи влошување на состојбите и спиралата на конфликти“.

„По однос на ситуацијата во Блискиот Исток денеска имав разговори со повеќето амбасадори во тој регион, меѓутоа и амбасадорот во НАТО и други партнерски земји. Во моментот состојбата е делумно стабилизирана. Училиштата во Израел се пуштени во функција, воениот кабинет сѐ уште нема одлука дали ќе возврати“, вели Османи. 

Кризен штаб

Македонското Министерство за надвореши работи формираше кризен штаб за извлекување на македонските државјани кои се наоѓаат во Израел, откако Иран со дронови и ракети го нападна Израел, како одговор на нападот што Израел го изврши пред две недели врз иранската амбасада во Дамаск.

Османи го повика претседателот Стево Пендаровски да го свика Советот за безбедност во поширок состав со учество и на опозициските политички партии, бидејќи смета дека една помасовна ескалација на Блискиот Исток може да предизвика и бран бегалци.

Бујар Османи
Само еден македонски државјанин побарал евакуација од Израел, вели ОсманиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Од кабинетот на шефот на државата порачаа дека претседателот е во постојана комуникација со партнерите во НАТО. „Состојбата се следи внимателно, а во моментов се проценува дека нема безбедносна закана за Северна Македонија. Доколку се донесе одлука за свикување на седница на Советот за безбедност, јавноста ќе биде навремено информирана“, порачаа од кабинетот на Пендаровски.