1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милиони животински и растителни видови пред изумирање

Катарина Шанц
22 октомври 2024

Пред две години беше потпишан историски договор за заштита на видовите. Државите сега се советуваат како може да се спроведе и финансира за подобра заштита на човековото здравје и изворите на храна.

https://p.dw.com/p/4m3JG
Морска желка, биодиверзитет Африка
Пред две години беше потпишан историски договор за заштита на видовитеФотографија: L. Steijn/blickwinkel/AGAMI/imago images

Биолошката разновидност - односно разновидноста на сите живи суштества на земјата - е сѐ повеќе загрозена, бидејќи луѓето сѐ повеќе ги оштетуваат екосистемите преку согорувањето на фосилни горива, интензивно земјоделство и урбанизација, како и загадување со штетни пестициди и тешки метали.

 Во текот на изминатите 50 години, популацијата на 'рбетници е намалена за 73%, произлегува од неодамнешниот извештај на Организацијата за заштита на природата ВВФ, а научници проценуваат дека околу еден милион животински и растителни видови се во опасност од изумирање, некои од нив веќе во следните децении.

За подобро да се заштити природата, речиси 200 нации пред две години потпишаа револуционерен  договор на ООН за биолошка разновидност.  Во претстојните две недели, илјадници политички носители на одлуки, бизнис лидери и претставници на невладини организации се состануваат во колумбискиот град Кали за да го проследат напредокот на договорот и да ги разјаснат проблематичните прашања како финансирањето.

Оваа задача е клучна бидејќи, според експертите,  намалувањето на биодиверзитетот  ја загрозува и социјалната и економска благосостојба на милијарди луѓе.

„Ако не си ја  заштитуваме нашата природа,  ја поткопуваме економијата и земјоделството и во иднина нема да може да нахраниме 10 милијарди луѓе на планетава“, вели за ДВ Астрид Шумејкер, извршен секретар на Конвенцијата на Обединетите нации за биодиверзитет. 

Бавен напредок кај националните планови за биолошка разновидност

На Конференцијата на ОН за биолошка разновидност одржана во 2022 година, лидерите си поставија амбициозни цели за заштита на 30% од копнените и поморските области до крајот на деценијата - наспроти 17% од копнените површини и речиси 8% од океаните. Договорот за биолошката разновидност е исто толку револуционерен колку што е и Парискиот договор за климата. Тој вклучува и ревитализација на 30% од веќе оштетените површини.

„Беше многу тешко да се договориме, но вистинскиот предизвик допрва претстои – а, тоа е државите сега и да го спроведат она што годоговорија“, рече Флоријан Тице, аналитичар за меѓународна политика во ВВФ. 

Еко крик со муралот „Зачувување на биодиверзитетот“

За да се следи напредокот и да се обезбеди имплементација на договорените цели, владите мораа да достават ажурирани Национални стратегии и акциски планови за биолошка разновидност (NBSAPs) сѐ до Самитот во Кали. До сега тоа го направиле само 23 од 196 земји. Германија е една од земјите кои го пропуштија рокот што беше до 2024 година. „Земји како Германија не чувствуваат никаков притисок да ги поднесат своите планови бидејќи ни другите земји не го сториле тоа“, изјави Тице за ДВ.

„Имаме само пет години до 2030 година. Ако не започнеме сега со исполнување на ветувањата, тогаш веројатно ќе ги промашиме целите за 2030“, вели тој.

Нова студија покажува дека 8,2% од океаните сега се заштитени што е пораст од 0,5% во однос на времето пред договорот од 2022. Но, студијата исто така покажува дека само 2,8% од нив се навистина соодветно заштитени и го опишува „јазот меѓу ветувањата и дејствувањето како огромен“.

Што го забавува напредокот во спроведувањето на мерките за заштита?

Овогодинешната конференција ќе се занимава со пречките за ефективни мерки и спроведување на акциските планови.

„Она што често нè забавува е дискусијата со другите сектори кои имаат чувство дека политиката за животната средина негативно се одразува врз нив, или е проблематична за нивната конкурентност“, објаснува Шумејкер. Па така на пример, кога германската влада објави дека ќе ги укине даночните олеснувања за еколошки штетното дизел гориво, десетици илјади земјоделци протестираа против тоа што го доживуваа како закана за нивната егзистенција. Владата потоа го одложи укинувањето на бенефициите до 2026 година, иако договорот за биолошка разновидност на ОН предвидува дека субвенциите постепено ќе се намалуваат до 2030 година во висина од 500 милијарди долари.

„Ги забрзуваме издатоците за поддршка на биолошката разновидност, но сè уште има многу повеќе субвенции кои негативно влијаат на биолошката разновидност и тоа е централен проблем што мора да го решиме“, посочува Шумејкер.

Кој ќе ја плаќа заштитата на природата?

Прашањето кој ќе ги плаќа трошоците за биолошката разновидност ќе биде предмет на дискусија во Кали. На последниот самит индустриските земји се обврзаа до 2025 година да издвојуваат 25 милијарди годишно за сиромашните земји, а до 2030 година сумата да порасне на 30 милијарди долари годишно финансиска помош. Но, според неодамнешниот извештај, само две земји - Норвешка и Шведска – до сега си ја исполниле својата обврска. 23 од 28 земји до сега плаќаат помалку од половината од сумата што ја ветиле. Колумбиската министерка за екологија, Сузана Мухамад, на прес-конференција пред самитот ги повика развиените земји да ги зголемат своите заложби за заштита на биодиверзитетот „бидејќи треба да испратиме сигнал оти преземените обврски (... ) се на вистинскиот пат“. 

Индија, индиска кокошка
Назадувањето во биолошката разновидност ја загрозува и социјалната и економска благосостојба на милијарди луѓеФотографија: Anuwar Hazarika/NurPhoto/picture alliance

Државите инаку се согласија до 2030 година да издвојат 200 милијарди долари годишно од јавни и приватни извори за заштита на биодиверзитетот. Се очекува дека преговарачите ќе разговараат како тие пари да се соберат навремено. 

Експертот Тице смета дека носителите на политички одлуки ќе ја стават на хартија стратегијата за прибавување на финансии, вклучително и како најдобро да се распределат средствата на сиромашните држави и како да се постапува со субвенциите кои се штетни за биодиверзитетот и каква е улогата на финансирањето од страна на приватниот сектор.

„Прашањето е колку ќе биде ефикасно и дали државите ќе може да се обврзат за конкретни мерки?“, вели Тице. 

Финансиски решенија од корист за заштита на природата 

На врвот на агендата се финансиски решенија со кои се урамнотежува заштитата на природата и економските потреби. Еден инструмент може да бидат т.н. ваучери за биолошка разновидност. Таков систем би можел на компаниите да им овозможи да изедначат предизвикани штети на животната средина со купување на ваучери од организации или проекти кои се занимаваат со ревитализација на природата.  Поддржувачите на овој пристап посочуваат дека впаричувањето на природата ја поттикнува нејзината заштита. Но, критичари предупредуваат дека тоа може да биде и покана за „зелена пералница“.

Национални паркови - последни прибежишта на биодиверзитетот

Се разгледува и опцијата за размени, при што долговите на една земја би можеле да се избришат доколку се инвестира во заштита на природата.

Друга важна тема ќе биде употребата на генетски податоци од природата и така стекнатите профити, како на пример во фармацевтскиот сектор, каде што секвенционирање на ДНК на растенија се користи за производство на лекови кои носат профити од повеќе милијарди.

Земји со голема биолошка разновидност, кои често се и со ниски приходи, треба да добијат правична компензација за користењето на нивните генетски ресурси, исто како и домородните заедници кои често се чувари на таквите видови. Тие средства би можеле да се користат за заштита на околината.

Финансиските стимулации навистина може да бидат корисни, но експертите предупредуваат дека мора да бидат комбинирани со конкретни мерки и политичка волја за да се постигнат трајни промени.

„Ако ги изгубиме екосистемите и подносливата клима, човечкиот живот каков што го знаеме на оваа планета веќе нема да биде возможен“, алармира Тице и додава дека „се работи за зачувување на нашата цивилизација. Тешко дека постои нешто што би можело да биде поважно од тоа“.