Секој корен што се става во изгорената земја е чекор кон враќање на зеленилото.
Снежана Јанковиќ, координаторка на инцијативата „Боренка“, објаснува:
„Садиме расад, садиме дрвја под чија сенка ние не очекуваме да седиме, бидејќи на едно дрво му требаат 10, 20, 30 години за да порасне.“
Боренка е волонтерска инцијатива за пошумување со потекло од Хрватска, а во Македонија се спроведува од ЈП Национални Шуми и Сојузот на извидници. Таа има едукативен карактер и обединува ученици од целата држава. За две години, се засадени 70.000 разновидни дрвја на изгорени подрачја.
„Тоа е убавината на Боренка, бидејќи ги активира младите луѓе од државата да се вклучат во општествено корисни работи и да ја разбудат љубовта кон животната средина, вели Снежана Јанковиќ.
Во големите пожари во 2021 година изгореа 15.000 хектари шуми. Оттогаш значително е намален бројот на опожарени подрачја. Едукацијата и зајакнувањето на институционалните капацитети одиграле своја улога. Валентин Груевски, директор на ЈП Национални шуми, објаснува која е целта што треба да се оствари:
„Површините од големиот пожар во 2021 година имаат рок две години и ние се обидувавме тоа да го расчистиме и веќе сме при крај. Последните површини ќе ги исчистиме оваа година и вршиме пошумување. Но, тоа не е лесно и не е брзо, бидејќи на едно дрво му е потребен одреден период за растење, што некогаш е можеби половина од животниот век на човекот. Шумата мора да се чува, бидејќи е нашето богатство и е тешко да се надокнади она што ќе се изгуби во пожарите.“
Целта на Национални Шуми е од минатата есен до крајот на пролетва да се засадат околу 1,2 милиони дрвја.