1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалСоединети Американски Држави

САД: Уапсени двајца водачи на картелот Синалоа

СН/агенции
26 јули 2024

Картелот Синалоа се смета за една од најмоќните и најнасилните организации за трговија со дрога во светот. Сега американските власти му зададоа жесток удар: уапсија двајца водачи - меѓу нив е и соосновачот на картелот.

https://p.dw.com/p/4ikfv
Мексиканската сојузна држава Синалоа е седиште на истоимениот нарко-картел, кој се смета за еден од најмоќните во светот
Мексиканската сојузна држава Синалоа е седиште на истоимениот нарко-картел, кој се смета за еден од најмоќните во светотФотографија: Rashde Frias/AFP/Getty Images

Мексиканскиот нарко-бос Исмаел „Ел Мајо“ Замбада и синот на неговиот поранешен партнер, Хоакин „Ел Чапо“ Гузман, се уапсени во четвртокот во Ел Пасо, Тексас, соопшти американското Министерство за правда.

„Министерството за правда уапси уште двајца наводни водачи на картелот Синалоа, една од најнасилните и најмоќните организации за трговија со дрога во светот“, се вели во соопштението на Министерството.

Исмаел „Ел Мајо“ Замбада на фотографија дистрибуирана до медиумите од страна на американското Министерство за правда
Исмаел „Ел Мајо“ Замбада на фотографија дистрибуирана до медиумите од страна на американското Министерство за правдаФотографија: Uncredited/U.S. Department of State/AP/dpa/picture alliance

Замбада и Хоакин Гузман Лопез, синот на Ел Чапо, се соочуваат со повеќе обвиненија во САД „за водење на криминални операции на картелот, вклучително и производство на фентанил и мрежи на трговија со дрога“, се вели во соопштението.

Две американски официјални лица изјавија за Ројтерс дека Замбада и Гузман Лопез биле приведени откако слетале со приватен авион.

Замбада го основаше картелот Синалоа заедно со Ел Чапо, кој беше екстрадиран во САД во 2017 година и отслужува доживотна затворска казна во затвор со максимална безбедност.

Хоакин Гузман Лопез на фотографија дистрибуирана до медиумите од страна на американското Министерство за правда
Хоакин Гузман Лопез на фотографија дистрибуирана до медиумите од страна на американското Министерство за правдаФотографија: Uncredited/U.S. Department of State/AP/dpa/picture alliance

По екстрадицијата на Ел Чапо, неговата криминална империја ја наследија неговите четири сина - познати како Лос Чапитос или малите Чапоси - кои ја презедоа неговата фракција во картелот и станаа еден од најголемите извозници на фентанил во САД.

Фентанил е синтетички опиоид кој е до 50 пати посилен од хероинот и 100 пати посилен од морфиумот.