САД се против употреба на западно оружје на руска територија
29 мај 2024Државната посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Германија повторно ја отвори дебатата за употреба на западно оружје на руска територија. Ако работите би се одвивале според мислењето на Емануел Макрон, тогаш на Украина треба да ѝ се дозволи да нападне избрани воени цели во Русија со западно оружје. Тој за таквиот став добива поддршка од НАТО и неговиот генерален секретар Јенс Столтенберг. Столтенберг изјави дека „рацете на Украинците се врзани“ поради црвените линии на некои земји од НАТО.
Но, САД остануваат на својот став: американската влада сè уште е против тоа Украина да користи американско оружје во нејзините напади врз Русија, рече портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби. „Нашата позиција не е променета во овој момент. Ние не ја охрабруваме или дозволуваме употребата на оружје испорачано од САД за напад во Русија“. САД се главниот поддржувач на Украина во војната што ја започна Русија.
Макрон сака „неутрализирање воените бази“
На германско-францускиот совет на министри во замокот Мезеберг во близина на Берлин, Макрон упати невообичаено јасен повик да ѝ се дозволи на Украина да напаѓа позиции во Русија со западно оружје. „Мораме да им дозволиме да ги неутрализираат воените бази од кои се истрелуваат проектили“, рече Макрон вчера (28.05) на почетокот на Советот на министри. Украина е напаѓана од бази во Русија, вели Макрон, но „сепак, не треба да им дозволиме да напаѓаат други цели во Русија, да погодуваат други цели во Русија, цивилни капацитети или други воени цели“, додаде тој.
Шолц реагира претпазливо
Канцеларот Олаф Шолц се изрази повнимателно. Постојат прописи за употреба на оружјето испорачано на Украина кои „секогаш мора да бидат во рамките на меѓународното право“, рече канцеларот. Според германската влада, на нападнатите држави им е дозволено да гаѓаат и цели во државата која напаѓа. Во однос на употребата на оружје испорачано од САД, Франција и Германија мора да се почитува меѓународното право. Досегашниот договор со Украина „практично функционира добро“, рече Шолц.