САД: Првпат ќе биде извршена смртна казна со азотен гас
25 јануари 2024Планираното извршување на смртна казна со азотен гас во сојузната држава Алабама може да се спроведе, одлучи американското правосудство. Ова е нов метод на извршување смртна казна во САД. Осуденикот Кенет Јуџин Смит, осуден на смрт поради нарачано убиство во 1988 година, се жалеше до апелациски суд, како и до Врховниот суд на САД, но не успеа да го запре извршувањето на смртната казна, кое треба да се случи во текот на ноќва по средноевропско време. На осудениот Смит треба да му се стави маска на лицето преку која ќе вдишува азотен гас, а последицата е смрт поради недостиг на кислород. Досега во САД никогаш не е извршена смртна казна на ваков начин.
Адвокатите на Смит аргументираа дека осуденикот е еден вид тест-кандидат за нов метод за извршување смртна казна и дека сѐ уште постојат премногу отворени прашања. Судот ги отфрли аргументите на одбраната. Во пресудата се вели дека Смит не може да докаже дека примената на ваков метод претставува „ужасна и невообичаена“ казна.
Експерти за човекови права на Обединетите Нации и на Амнести Интернешнал предупредуваат од можна ужасна смрт. Како што се вели, нема научни докази дека инхалација на нитроген не предизвикува тешко страдање.
Кенет Јуџин Смит требаше да биде погубен уште во 2022 година, со инјекција со отров. На затворскиот персонал тогаш не му успеа да му стави игла во раката, па тој по неколку часа на масата за егзекуција повторно беше однесен во затворската ќелија.
Смит беше осуден на смрт во 1996 година за нарачано убиство извршено осум години претходно. По жалбата, поротата всушност препорача доживотен затвор, но одговорниот судија ја игнорираше оваа препорака. Законот што му го овозможи тоа не постои од 2017 година.