САД ќе и` испратат касетна муниција на Украина
7 јули 2023Портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер одби да ги потврди информациите за испраќање на ткн. касетна муниција, но соопшти дека „во случај да ја обезбедиме таквата муниција, внимателно ќе селектираме муниција со понизок распрскувачки капацитет за која имаме направено тестови“.
Началникот на Генералштабот на американската армија Марк Мајли минатата недела најави дека Вашингтон размислува за испораката. Украина долго бара испорака на касетна муниција како помош за одбраната. Телевизијата СиЕнЕн тврди дека официјалната потврда би можела да дојде в петок.
Касетната муниција ја сочинуваат ракети и бомби кои експлодираат во воздух врз целта, распрскувајќи многу ситни експлозивни уреди познати како подмуниција.
Критичарите велат дека голем дел од експлозивните средства се остатоци кои не експлодираат но остануваат на местото и претставуваат закана од подоцнежна експлозија.
Забранета муниција
Повеќе земји меѓу кои и Германија потпишаа договор за забрана за касетната муниција. САД не го потпишаа договорот, исто како и Русија, која користи таква муниција при нападите во Украина.
САД досега и испратија или ветија воена помош во вредност од над 40 милијарди евра на Украина од почетокот на војната во февруари 2022.
На почетокот на јуни Украина започна контраофанзива против руските трупи и борбите се засилија во повеќе области, што доведе до нови повици од Киев за нова воена помош.
Истовремено, Романија соопшти дека планира да обучува украински воени пилоти да управуваат со американски Ф-16 ловци. Канцеларијата на претседателот Клаус Јоханис најави дека Романија планира да изгради специјален тренинг центар кој ќе биде заеднички управуван од НАТО сојузниците и производителите на Ф-16.