1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД: Македонија да го одржи духот на Договорот од Преспа

ДТЗ
12 април 2024

Во изборната кампања провејуваат ветувања за поништување на меѓународните договори. Според претседателот Стево Пендаровски, поништување на Договорот од Преспа би било најголема политичка глупост и трагедија.

https://p.dw.com/p/4egQu
САД Стејт Департмен
Фотографија: Yasin Ozturk/AA/picture alliance

САД очекуваат Северна Македонија да го одржи духот на Договорот од Преспа, а јавниот дискурс да биде базиран на факти, соопштија од Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик.

„Исто како што САД остануваат посветени на Договорот од Преспа, ние очекуваме Северна Македонија да го одржи овој дух и јавниот дискурс да остане базиран на факти и вкоренет во посветеноста на иднината на Северна Македонија во ЕУ“, вели портпарол на Стејт департментот, на прашањето дали САД се загрижени за можно поткопување на Договорот од Преспа.

Прашањето се отвора во екот на изборната кампања во земјата, кога дел од кандидатите за претседател го отворија прашањето за поништување на договорот од Преспа, но и на другите меѓународни договори коишто ги потпиша земјата со цел приближување кон НАТО и ЕУ. Од Грција веќе пристигнаа пораки дека со внимание се следат политичките изјави поврзани со Преспанскиот договор и употребата на името Македонија во изборната кампања на некои кандидати.

Санкции за оние кои работат против договорот

Претседателот на САД, Џо Бајден, во 2021 година потпиша извршна наредба, со која се предвиде замрзнување на имот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од Преспа и Охридскиот рамковен договор.

Стејт департментот тогаш појасни дека извршната наредба не се однесува само на лица во државите на Западен Балкан кои го загрозуваат Договорот од Преспа, туку и во други држави. Извршната наредба дозволува санкции против оние што ја потценуваат стабилноста на Западниот Балкан, каде и да се наоѓаат, под услов да ги исполнуваат релевантните критериуми за таргетирање. 

Џо Бајден
Претседателот на САД, Џо Бајден, во 2021 година потпиша извршна наредба, со која се предвиде замрзнување на имот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Договорот од ПреспаФотографија: Patrick Semansky/PA Wire/dpa/picture alliance

САД нагласија дека охрабруваат силна дискусија и дебата меѓу граѓаните глобално и на Западен Балкан, и оти намерата на извршната наредба не е да се спречат приватни лица да изразуваат мислење.

Ако се поништи договорот - излегуваме до НАТО

„Ако се поништи Преспанскиот договор ние излегуваме од НАТО. Просто кажано, ќе нѐ исклучат од Организацијата“, вели претседателот Стево Пендаровски, откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати ја отвори темата за оспорување на Преспанскиот договор.

Тој порача дека ако неговата противкандидатка од опозицијата, Гордана Силјановска Давкова мисли дека „самостојно можеме да ја обезбедиме нашата безбедност, на сите граѓани, на границите, на државата подобро - тоа треба да го каже“.

„Тоа е опасен авантуризам. Значи, 30 години сите политички гарнитури не случајно се обидуваа да влеземе во НАТО за да добиеме тапија за нашата безбедност за век и веков“, рече кандидатот за претседател на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски на митингот во Гевгелија (11.04). Поништувањето на Договорот од Преспа, вели тој, е најголема политичка глупост и трагедија во исто време, затоа што ќе останеме потполно сами.  

Стево Пендаровски
Стево Пендаровски вели дека поништувањето на Договорот од Преспа е најголема политичка глупост и трагедијаФотографија: Boris Georgievski/DW

Лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски во предизборниот дуел со лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски рече дека доколку биде избран за премиер, ќе ја нарекува земјата единствено како „Македонија“, без оглед на Договорот од Преспа од 2018 година со кој се реши спорот со Грција за името на земјата.

Деновиве и кандидатката за претседател од Левица, Билјана Ванковска, на средбите во Гевгелија и Богданци го повтори својот став за укинување на трите договори, коишто смета дека ја влечат земјата надолу - тоа се Охридскиот, Преспанскиот и Бугарскиот договор.

Нема еднострана промена на договорот

Грчки дипломатски извори деновиве за грчката агенција АНА-МПА, порачаа дека  Договорот од Преспа не може еднострано да се промени. Тие посочиле дека Грција одблиску ги следи политичките случувања во земјата, каде во мај треба да се одржат националните избори.

Во врска со изјавите на лидерот на официјалната опозиција дека земјата нема да се нарекува „Северна Македонија“, се посочува дека „логиката на Договорот од Преспа претставува не само обврска за државата, туку и не може да се менува еднострано и преовладува над која било друга одредба“.