Украина загрижена: Русија и Белорусија започнаа воени вежби
16 јануари 2023Русија и Белорусија започнаа заеднички вежби на воздхопловните сили кои би требало да траат до 1 февруари, соопшти белоруското Министерство за одбрана.
Белорусија вели дека вежбите на заедничките воздушни сили со Русија се од одбрамбена природа за да се подготват за можни борбени мисии, но овој потег доаѓа додека расте загриженоста оти Москва го турка Минск да ѝ се придружи во војната во Украина. Павел Муравејко, заменик на државниот секретар во Советот на безбедност на Белорусија, вели оти ситуацијата на јужната граница „не е баш мирна“ и дека Украина ја „предизвикува“ Белорусија.
Минатата недела Алексеј Полишчук, претставник на руското Министерство за надворешни работи, предупреди оти воените вежби со Белорусија се осмислени за да се спречи ескалација, но и дека најблискиот сојузник на Москва би можел да се придружи ако Украина „нападне“.
Украина континуирано предупредува од покренување на нова руска офанзива од територијата Белорусија, но Кремљ демантира дека врши притисок на белорускиот претседател Александар Лукашенко да преземе поактивна улога во конфликтот со Украина.
Минск, во неколку наврати, соопшти дека нема да влезе во војна. Од почетокот на војната во Украина, Минск и Москва повеќепати одржаа заеднички воени вежби.