Руски пратеници бараат забрана на Дoјче веле
21 август 2024Членовите на Долниот дом на рускиот парламент предложија Дојче веле и британската фондација Британски совет да се стават на листата на „непожелни организации“. Соодветното барање беше проследено до руското Генерално обвинителство. Ова во вторникот (20.08) го соопшти претседателот на Комисијата за безбедност и борба против корупција, Василиј Пискарјов.
Според Пискарјов, се предлага на ДВ и на Британскиот совет да им се забрани каква било активност во Русија. „Тоа вклучува блокирање на нивните сметки, затворање канцеларии и филијали и забрана за ширење информации. А оние кои ќе продолжат да соработуваат со нив ќе бидат административно и кривично гонети“, рече Пискарјов.
ДВ е веќе прогласено за „странски агент“
Руските власти на 3 февруари 2022 година веќе му забранија на Дојче веле да емитува програма во Русија и го ставија на листата на „странски агенти“ во март истата година. Директорот на ДВ, Питер Лимбург, тогаш го осуди овој потег и го опиша како „уште една произволна одлука на руските власти“. Тој нагласи дека ова е „уште еден чекор за напад на слободата на печатот и нов обид да се отсече руското население од слободните информации.
„Непожелни“ организации во Русија
На 19 август 2024 година, во Русија стапија на сила измените во законот кои дозволуваат сите организации чии основачи или учесници се државни органи на странски држави да бидат прогласени за „непожелни“. Пред овие измени, за „непожелни“ организации можеа да се прогласуваат само невладините организации.
Законот предвидува строги казни: максималната казна за учество во активностите на таквите организации е до четири години затвор, заедно со лишување од правото за извршување на голем број функции. Во случај на финансирање, казната е до пет години, во случај на организирање на дејноста - до шест години.
Бројот на „непожелни“ организации во Русија нагло се зголеми откако започна војната на Русија против Украина. Според пресметките на новинарите, руските власти во 2022 година означиле 23 организации како „непожелни“, а во 2023 година - 58. Според податоците заклучно со 14 август 2024 година, 186 организации во Русија имале статус на „непожелни“.