1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Руската ѕвезда Пугачова против „умирањето за илузорни цели“

Јури Решето
20 септември 2022

Најпознатата руска поп-ѕвезда Ала Пугачова предизвика сензација со својата антивоена изјава.

https://p.dw.com/p/4H5yd
Руската поп-дива Ала Пугачова
Руската поп-дива Ала ПугачоваФотографија: Vyacheslav Prokofyev/ITAR-TASS/IMAGO

Зборот „војна“ таа официјално не го употребува, во Русија тоа е кривично дело, а во својот пост не ја споменува експлицитно ни Украина. Сепак, она што најголемата руска поп-ѕвезда на сите времиња, Ала Пугачова, го објави на викендот, во Русија одекна како бомба. Зашто, милиони Руси во тоа гледаат протест, иако индиректен, против она што во Русија се нарекува  „специјална операција“.  Пугачова е без дилеми најпознатата личност која се осудува  јавно да го искаже овој протест. 

Протестната објава на Инстаграм-профилот на Ала Пугачова има своја предисторија. Изминатиот викенд, нејзиниот сопруг Максим Галкин, познат руски комичар и до неодамна телевизиска ѕвезда, од страна на руското Министерство за правда беше прогласен за т.н. странски агент. Од пред неколку месеци Галкин живее во странство, ја напушти Русија откако  го критикуваше испраќањето руски трупи во Украина и руските ракетни напади врз украинските градови, што му донесе непријателство кај власта. Наместо низ Русија, сега комичарот оди на турнеи низ странство и приходите од своите настапи ги донира на Украина.

Солидарност со сопругот

Значи, објавата на Пугачова беше реакција на новодобиениот статус на Максим Галкин – „странски агент“. Со зајадлив апел, Пугачова го замоли Министерството за правда и неа да ја стави во редот на „странски агенти“: „Зашто, јас сум солидарна со мојот маж, кој е искрен, пристоен и праведен човек, вистински и непоткуплив руски патриот, кој на својата земја ѝ посакува благосостојба, мирен живот, слобода на мислење и запирање на умирањето на нашите момчиња за илузорни цели, кои нашата земја ја претвораат во парија и го отежнуваат животот на нашите граѓани.“

Солидарност со сопругот, Максим Галкин
Солидарност со сопругот, Максим ГалкинФотографија: Sergei Karpukhin/TASS/dpa/picture alliance

Од Калининград до Владивосток, 73-годишната Пугачова ужива почит. За милиони симпатизери, уште од 70-те години, таа е легенда. И ако постои нешто како душа на народот, тогаш пред сѐ тоа е таа, Ала Борисовна Пугачова со нејзиниот најголем хит „Еден милион црвени рози“. На меѓународната бина Пугачова со децении беше најпознатата руска пејачка. Продадени се 250 милиони плочи и цедиња со нејзините песни, хитови кои до денешен ден на многу прослави во Русија ги потпевнуваат и млади и стари.

Мешани реакции

Во руските медиуми и приватниот живот на Пугачова е постојана тема, посебно нејзиниот актуелен брак со 27 години помладиот Максим Галкин. За разлика од Галкин, Пугачова по 24 февруари не изнесе политички став, но многумина и молкот го сметаат за речовит и потсвесен протест против Кремљ. Овој протест сега стана јавен и предизвика различни реакции.

Ѕвездата која стана непријател на своите фанови

„Браво, Ала Пугачова!“, „Почит за Ала“, „Најголем дострел на Пугачова по многу години“, пишуваат дел од 3,5 милиони нејзини следбеници на Инстаграм. Други пак ја напаѓаат што не ја критикува експлицитно војната, туку само сака да го заштити сопругот. Трети ја обвинуваат пејачката за предавство. На зборовите на Пугачова реагираа и бројни руски политичари, уметници и други познати личности.

„Шлаканица“ за Кремљ

Политикологот Абас Гаљамов на својот канал на Телеграм пишува дека зборовите на Пугачова се „силна шлаканица“ за Кремљ. Нејзиното политизирање кај Русите би можело да предизвика ефект на чувство „сега навистина е доста“. Политичкиот аналитичар Станислав Белковскиј во својот канал на Телеграм оди уште подалеку: „Ала Пугачова де факто ќе стане лидерка на  антивоениот дел од руското општество.“

Петер Толстој, заменик претседател на руската Дума, ја обвини пејачката за губење на чувството за реалност: „Жалам што Пугачова, која некогаш беше најпопуларна пејачка во земјата, толку загубила врска со стварноста и се солидаризира со оние кои денес ѝ посакуваат пораз на Русија.“

Кремљ досега е воздржан. Портпаролот Дмитри Песков зборовите на Пугачова не ги смета за „тема која има некаква врска со Кремљ“.