1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Русија: Покајание на „разголените“ и цврстата рака на Кремљ

Јури Решето
2 јануари 2024

Ѕвездите на рускиот шоу-бизнис му се извинуваат на народот за чудната забава на која присуствувале, но се чини дека Кремљ решил да ги направи жртвени јагниња. Затоа што работите не стојат баш најдобро во Русија.

https://p.dw.com/p/4algX
Ноќен клуб во Москва
Ноќен клуб во МоскваФотографија: Mikhail Tereshchenko/TASS/dpa/picture alliance

Секс, дрога, рокенрол, а потоа низа покајанија на познатите лица од шоу-бизнисот пред камерите. Приказната одекна погласно од новогодишниот огномет во Русија, не само во таблоидите, туку и во државната Дума и во Кремљ.

Имено, на 20 декември, позната блогерка приреди забава во московски техно клуб, а меѓу гостите беа поп иконата Филип Киркоров, пејачката Лолита, поранешниот победник на Евровизија Дима Билан и новинарската ѕвезда Ксенија Собчак.

Медиумите јавуваат дека влезот на забавата чинел по десет илјади евра, дрес-кодот предвидувал голотија, односно проѕирни блузи, кратки здолништа, еротски градници.

Еден рапер дошол целосно гол, со чорап преку половиот орган - што, како што подоцна изјави пред судот, требало да биде омаж на американскиот бенд Ред Хот Чили Пеперс

На снимките од забавата немаше ништо особено несоодветно, сето изгледаше како мешавина меѓу карневал и Ноќта на вештерките.

„Геј пропаганда“ и напад врз вредностите?

За жал, голем број активисти или здруженија блиски до властите се пожалија во полиција поради снимките, тврдејќи дека се шири „геј-пропаганда“ или „наркоманска пропаганда“.

Една пратеничка во руската Дума побара од властите да проверат дали има некакви прекршувања на „забраната за ЛГБТ-пропаганда“ и указот на претседателот за заштитита на „традиционалните руски духовни и морални вредности“.

Шоу-бизнис елитата најпрво се потсмеваше на оваа морална паника, но потоа се појави видео на пејачот Киркоров во кое тој се обидува да го оправда своето однесување на забавата пред портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

Раперот со чорап на половиот орган е осуден на петнаесет дена затвор и голема парична казна за непристојно однесување и „геј-пропаганда“. На организаторката на забавата ѝ се заканувале со даночна инспекција, а на крајот била казнета со неколку илјади евра.

Задоцнети „покајанија“ пред камерите

Потоа приказната доби пресврт. Ѕвездите, кои до вчера се потсмеваа на силната возбуденост, речиси истовремено објавија покајнички видеа во кои тврдат дека не знаеле каков е „вистинскиот карактер“ на забавата на која отишле.

Рускиот пејач Филип Киркоров
Рускиот пејач Филип КиркоровФотографија: Valery Sharifulin/Tass/dpa/picture alliance

Киркоров - кој е популарен во Русија како Мадона на Западот - рече дека морал да биде „повнимателен“ во „овие тешки времиња, во ерата на хероизмот“. Ги призна своите „грешки“, и порача дека е „патриот“.

Но, и тоа беше очигледно предоцна. Организаторите на концертите му ги откажуваа настапите еден по друг, неговите песни беа отстранети од веќе снимените новогодишни програми. Токму ѕвездите кои останаа лојални на Кремљ дури и за време на агресијата против Украина сега се елиминираат од јавниот живот.

„Се сметаше дека Кремљ води војна само против политичките активисти кои учествуваат во антивоените протести“, изјави за ДВ музичкиот критичар Артемиј Троицки, кој живее во странство. „Всушност се случуваат работи кои беа незамисливи за оваа земја пред една година“.

Тој вели дека „речиси сите талентирани музичари“ и онака веќе ја напуштиле земјата. „Остануваат само осамени храбри борци или вкочанети конформисти“, додава Троицки. Тој верува дека модерната руска култура наскоро ќе наликува на севернокорејската култура. „Наскоро ќе бидат дозволени само воени маршеви“.

Добредојдено одвлекување на вниманието

Политикологот Димитриј Орешкин, кој исто така живее во егзил, вели дека хорското објавување на „покајанија“ покажува дека учесниците на спорната забава сфатиле дека наредбата за нивниот прогон доаѓа од самиот врв.

Тој вели дека помина времето кога Кремљ сакаше да симулира нормално секојдневие и покрај војната. „Ништо не е како што беше. Целата земја мора да се одрекува, цела земја е во воена состојба, па така не доликува некои да го 'покажуваат газот“ на забави“, вели тој.

Орешкин додава дека темата е погодна за оттргнување на вниманието од фактот дека војната се приближила. Имено, Украинците претходните денови извршија напади не само на анектираниот полуостров Крим, туку и на областа Белгород.

Потребно беше жртвено јагне, вели политикологот. „Ајде да ги казниме овие декадентни елити, тогаш на обичниот народ ќе му биде подобро“, ја сумира тој пораката на властите.