1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Русија: Нападот со дронови врз Кремљ е „масло“ на САД

ЖА / агенции
4 мај 2023

Одговорноста за наводниот напад со беспилотни летала врз Кремљ Русија им ја префрли на САД и се пожали дека моментално се соочува со „терористички активности и саботажи“ на украинските сили од досега невидени размери.

https://p.dw.com/p/4Qt6r
Кремљ Русија
Наводниот напад со дронови врз Кремљ Фотографија: Ostorozhno Novosti/REUTERS

Русија го обвини Вашингтон дека стои зад инцидентот со дронови, кои наводно биле соборени над Кремљ. Вакви одлуки се носат во Вашингтон, не од владата во Киев, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, без да презентира докази за тврдењето. Руските сили, според сопствени наводи, во средата спречиле напад со дронови во обид да биде убиен рускиот претседател Владимир Путин, кој во моментот не се наоѓал во Кремљ.

Но, бројни експерти се сомневаат во верзијата лансирана од Москва. Според проценки на меѓународни воени стручњаци од тинк-тенк организации, Русија сама ги исценирала двата наводни украински напади со дрон врз Кремљ. Институтот за проучување на војната (ИСВ) укажува на тоа дека Русите ги зајакнале домашните капацитети за противвоздушна одбрана, поради што е малку веројатно дека двете беспилотни летала успеале да ги пробијат повеќекратните слоеви на противвоздушната одбрана пред да бидат соборени директно над Кремљ. Целта на руската инсценација веројатно е да постигне пошироко општествено мобилизирање против Украина, велат американските експерти.

Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека Русија моментално е изложена на невиден бран на „саботажи“ од страна на Украина: „Терористичките активности и саботажите на украински вооружени сили достигнуваат досега невидени размери", тврди Москва, истакнувајќи дека безбедносните мерки се засилени и со оглед на претстојната воена парада на 9 мај.