Одбиен напад со дронови врз Москва
4 јули 2023Според руското Министерство за одбрана, биле пресретнати најмалку пет дронови, а нема жртви, ниту се предизвикани штети. Целта на нападот бил московскиот аеродром Внуково,како и други цивилни инфраструктурни објекти, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, која случајот го нарече „уште еден натамошен терористички акт“. Захарова соопшти дека авионскиот сообраќај на аеродромот Внуково во одреден период бил во прекин- полетувањата и слетувањата во раните утрински часови денеска (вторник) неколку часа претрпеле ограничувања, пред летовите на еден од најважните аеродроми во руската престолнина да бидат повторно нормализирани. Редица од авионските летови во тој период биле пренасочени кон други аеродроми.
Два дрона биле пресретнатисамо 30 километри југозападно од Кремљ, како што јавуваат руските новински агенции. Еден дрон бил соборен во близина на градот Кубинка, околу 63 километри западно од Москва, каде во близина се наоѓа воздушна база. Еден дрон бил пресретнат во соседниот регион Калуга, јави агенцијата РИА.
Обидот на раководството во Киев да биде извршен напад во област каде се наоѓа и цивилна инфраструктура, како московскиот аеродром, каде слетуваат и полетуваат и странски авиони, е „терористички акт“, истакна Захарова. „Меѓународната заедница треба да биде свесна дека САД, Велика Британија и Франција, постојани членки на Советот за безбедност на ОН, финансираат терористички режим“, изјави Захарова.
Украина досега не го коментираше случајот. Раководството во Киев ретко дава јавни изјави за напади во Русија или во украинските области под руска окупација.