1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Русија и Украина: Интензивирање на војната со дронови

СН/агенции
17 мај 2024

Русија веќе една недела засилено напаѓа на фронтот во североисточна Украина. Истовремено се интензивираат и меѓусебните напади со беспилотни летала. И Москва и Киев јавуваат за соборување на десетици дронови во ноќта.

https://p.dw.com/p/4fxm1
Соборување на руски дрон над украинскиот главен град Киев
Соборување на руски дрон над украинскиот главен град КиевФотографија: Evgeniy Maloletka/AP PHoto/picture alliance

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека повеќе од 100 украински беспилотни летала биле уништени или пресретнати синоќа за време на нападите на југозападната руска територија и на полуостровот Крим.

Министерството соопшти дека армијата неутрализирала 51 воздушно беспилотно летало испратено на Крим, 44 над регионот Краснодар, шест над регионот Белгород и еден над регионот Курск.

Во текот на ноќта, поморската противвоздушна одбрана и патролните бродови на Црноморската флота уништиле шест поморски беспилотни летала во водите на Црното Море.

Руската армија редовно објавува дека ги одбила ноќните украински напади со дронови, но ретко се наведува толкава бројка, пренесува агенцијата Франс прес.

Украински дрон од типот Посејдон Х10
Украински дрон од типот Посејдон Х10Фотографија: Efrem Lukatsky/AP/dpa/picture alliance

Гувернерот на Белгородската област, која граничи со Украина, претходно денеска објави дека мајка и четиригодишно дете загинале при напад со беспилотно летало врз селото Октјабарски.

Автомобил со четири лица бил мета на дрон, мајката починала на лице место, а детето им подлегнало на повредите во болница, изјави гувернерот Вјачеслав Гладков. Според него, цел на вториот дрон била бензинска станица во селото Бесоновка.

Украина од своја страна објави дека во текот на ноќта соборила 20 руски беспилотни летала. Војската известува за напади во областите Харков, Полтава, Виниција, Одеса и Николаев.

За време на нападот во Харков се случија четири експлозии, пишува градоначалникот Ихор Терехов. Според регионалниот гувернер на Харков, Олех Синјехубов, биле оштетени пет згради - вклучувајќи и административна зграда.