Романија се откажа, Руте може да застане на чело на НАТО
20 јуни 2024По повеќемесечна блокада, отворен е патот за назначување на Марк Руте на функцијата генерален секретар на НАТО. Последна од блокадата денеска (20.06) се откажа Романија. Романскиот претседател Клаус Јоханис ја повлече својата кандидатура, соопшти претседателскиот кабинет во Букурешт. Истовремено, како што се додава, Романија сега ја поддржува кандидатурата на Руте.
Претходно од блокада се откажаа Унгарија, Словачка и Турција. Долго време овие три земји, заедно со Романија, беа единствените земји од НАТО кои го блокираа назначувањето на 57-годишниот Руте за наследник на Јенс Столтенберг. Актуелниот договор на Столтенберг трае до 1 октомври.
Столтенберг е на челната позиција на НАТО речиси десет години. Во историјата на алијансата, тој е генерален секретар со втор најдолг стаж. Најдолго време на челото на НАТО беше Холанѓанецот Јозеф Лунс - од 1971 до 1984 година.
За назначување на нов генерален секретар е неопходен консензус на земјите членки на НАТО. Германскиот канцелароОлаф Шолц во февруари годинава јавно го поддржа Руте. Поддршка дојде и од САД и Велика Британија. Од кругови на алијансата денеска се вели дека е многу веројатно Руте да биде претставен како наследник на Столтенберг веќе следната недела.
Руте важи за исклучително искусен политичар во делот на надворешната политика. Тој беше на чело на владата на Холандија речиси 14 години, нешто што не му успеало на ниту еден холандски премиер пред него.