1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Протест во Тетово: одговорност и правда мора да има

ДТЗ
16 август 2023

„Во земјата има четири трагични настани во кои загинале 97 жртви, а ниту еден ден затвор за тие што се виновни. Дојдовме да кажеме дека е доста. Правда мора да има“, порачаа учесниците на протестот во Тетово.

https://p.dw.com/p/4VEGf
протест Тетово пожар
Роднините на загинатите во пожарот во Тетово бараат одговорност и правдаФотографија: Arbnora Memeti/DW

Група граѓани пред зградата на Обвинителството и Основниот суд во Тетово денеска го изразија своето незадоволство од постапувањето на институциите и побараат правда за загинувањето на 14 лица во пожарот кон во 2021 година ја зафати модуларната болница во Тетово, каде што се лекуваа ковид-пациенти.

Организаторите од иницијативата „Подобро за Тетово“ побараа политичка одговорност за тоа што никој не добил соодветни казни за трагедијата во Тетово и другите случаи каде граѓани ги загубиле животите.

„Се собравме да го изразиме нашиот револт. По емисијата на ИРЛ, сигурни сме дека не функционира ни судството, ни институциите. Како резултат на тоа, во земјата има четири трагични настани во кои загинале 97 жртви, а ниту еден ден затвор за тие што ја донеле државата во таа ситуација. Ако продолжи вака, бројот на жртвите ќе порасне. Дојдовме да кажеме дека е доста. Правда мора да има“, порачаа роднините на починатите во пожарот, кои сметаат дека не се казнети вистинските виновници.

Одговорност

„Најпрво Јавното обвинителство, сите обвинители што го воделе предметот треба да бидат гонети оти ги сокриле доказите, а потоа да има нов процес со нови судии за да има правда“, децидни се роднините на жртвите.

Основниот суд во Тетово изрече условна пресуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми и правното лице Клиничка болница за кривично дело тешки дела против општата сигурност за пожарот во модуларната болница во Тетово, додека од обвинението беше ослободен д-р Бобан Вучевски кој се товареше за делото непостапување по здравствени прописи. 

протест Тетово модуларна болница пожар
Организаторите од иницијативата „Подобро за Тетово“ побараа политичка одговорност за тоа што никој не добил соодветни казни за трагедијата во ТетовоФотографија: Arbnora Memeti/DW

Но, Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во својот најнов документарен филм изнесе нови факти за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица кои, според нив,  „покажуваат саботирани истраги и прикривања на пропустите при градењето на модуларните објекти од страна на одговорни лица во институциите“. Тие објавија документите на коишто се базира истражувањето заедно со пресек на клучните настани кои довеле до трагедијата и, како што велат, „до прикривањето на виновниците“. 

Од Јавното обвинителство преку соопштение ги отфрлија наводите за текот на истрагата. Тврдеа дека „со очигледна цел за неоснована дискредитација и без никаков реален интерес да се презентира вистината, во емисијата свесно се врши груба манипулација со информации“.  

протест пожар Тетово
Институциите си ја префрлаат топката околу одговорностаФотографија: Arbnora Memeti/DW

Префрлање на топката

Отворањето на случајот доведе до отворен конфликт меѓу сегашниот и поранешниот министер за здравство, Фатмир Меџити и Беким Сали. 

Кадарот на Алтернатива тврдеше дека неговиот наследник,Фатмир Меџити и покрај препораките на внатрешната ревизија, минатиот месец преку Владата иницирал исплата за Брако, фирмата која ги градеше модуларните болници. Тој побара одговорност и од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за кого, вели дека,  „место да бара виновници кај оние кои ги изградиле модуларните болници, тој ги амнестирал“.

Но, од Министерството за здравство возвратија со контранапад. Според нив, Сали не само што не го раскинал договорот, туку ги примил амбулантите со што практично одобрил нивна исплата.

„Досега од анализата на внатрешните документи, се гледа дека Сали никогаш не го раскинал договорот, ги примил и одобрил амбулантите со што автоматски одобрил и исплата, а потоа решил да не плаќа со што генерирал долг и камата од 200.000 евра за граѓаните. Тој лично е одговорен за ова и за ова треба да сноси одговорност“, порачаа од Министерството за здравство, кои ги анализираат правните можности да покрене постапка против Сали за овој случај.