1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПатувањеГрција

Рекордна туристичка сезона во Грција

20 август 2022

Грција очекува рекордна туристичка година, со повеќе туристи отколку во 2019-тата, годината пред короната да го парализира светот. Рекорд и покрај руската инвазија на Украина, енергетската криза и инфлацијата.

https://p.dw.com/p/4FlnF
Се очекува рекордна сезона: Туристи на плажа во Грција
Се очекува рекордна сезона: Туристи на плажа во ГрцијаФотографија: Kaki Bali/DW

Толку многу музика, играње, јадење и пиење под светлото летно небо во Грција немало одамна: На 14-ти и 15-ти август 2022 година, жителите на грчките острови конечно повторно ја прославија традиционалната Панигирија, народен фестивал по повод Вознесение на Пресвета Богородица. И со нив славеа безброј туристи.

По дванаесет години финансиска криза, две години пандемија на корона и шест месеци војна во Украина, луѓето во Грција сакаат конечно повторно да уживаат во неколку безгрижни денови - пред евентуално повторно да паднат на теренот на тешка реалност. Во третата недела од август 2022 година, повеќето Грци имаат одмор и се обидуваат да се одморат од скандалот со прислушување, бегалските драми, енергетската криза и инфлацијата, која во јули 2022 година се искачи на 11,6 отсто.

Истовремено, луѓето во Грција искрено се надеваат дека туристичката сезона ќе продолжи да тече добро како и досега. Земјата сè уште е многу зависна од туристичката индустрија - во добри години таа генерира повеќе од 20 проценти од вкупното економско постигнување. Се чини дека 2022 е добра година.

Министерот за туризам Василис Кикилијас дури очекува повеќе посетители отколку во 2019 година, годината која досега важеше за рекордна. Тогаш, во годината пред пандемијата, во Грција летуваа 33 милиони луѓе. Приходите од туризмот во 2019 година се зголемија на 18,2 милијарди евра, а грчката централна банка оваа година очекува приход од околу 20 милијарди.

Туристи на Акрополис, 24.07.2022
Туристи на Акропол, 24.07.2022Фотографија: Louisa Gouliamaki/AFP

Еден милион пристигнувања неделно

Досегашните бројки се ветувачки: од почетокот на август во Грција со авион секоја недела пристигнуваат речиси милион туристи, вели министерот Кикилијас. Други стотици илјади туристи патуваат со автомобил до Халкидики или Пиерија на северот на земјата, повеќето од нив од Западен Балкан. Работите се одвиваа слично добро и во јули годинава, а јуни беше исто така исклучително добар месец, со 3,5 милиони странски посетители.

„Ако ова продолжи до средината на септември, тогаш ќе ја преживееме претстојната зима“, вели Панајотис, менаџер на голем бар на плажа на Наксос. Најголемиот остров на Кикладите во јули 2022 година имаше скоро исто толку посетители колку и во рекордната 2019 година, а август досега оди уште подобро. Во моментов не е лесно - и не е евтино - да се најде кревет таму. Во туристичките жаришта како Миконос, Санторини, Крф, Кос или Родос тоа е речиси невозможно. На „спонтаните“ патници, кои не резервирале навреме, дури и на почетокот на септември ќе им треба среќа и полн паричник за да најдат соба на овие острови.

Плажата Ангали на островот Фолегандрос, август 2022
Плажата Ангали на островот Фолегандрос, август 2022Фотографија: Irene Anastassopoulou/DW

Тајните богатства на атинската ривиера

Хуан и неговата девојка Јасмина од Шпанија не зажалија за спонтаноста. Во средината на август не можеле да добијат ништо на Санторини, па останале во Атина и секој ден откривале различна плажа на атинската ривиера. „Во градот е убаво е и многу комотно. Се качуваме со трамвај до плажите, морето е одлично, пријатно топло и чисто, а ако не сакате, не треба ни да изнајмите скап чадор, раскажува исончаната Јасмина, додека Хуан се радува на пабовите во грчката престолнина.

Во Атина, во август, најдобро време за уживање е во вечерните часови. Најголем дел од жителите ја имаат напуштено метрополата и се заминати во своите летни резиденции. Затоа, речиси и да нема сообраќаен метеж, има само малку бучава според атинските стандарди - и доволно слободни места во пабовите, таверните и градините на покривите со поглед на Акропол.

Кафуле во атинскиот кварт Монастираки, со Акропол во позадината
Кафуле во атинскиот кварт Монастираки, со Акропол во позадинатаФотографија: Socrates Baltagiannis/dpa/picture alliance

Забава и културна понуда

На многу грчки острови, од друга страна, плажите се полни - понекогаш премногу преполни, исто како и пабовите и таверните. Ова е идеално за туристи кои бараат забава. Но, за оние кои бараат спокојство, има и многу можности да изберат еден од помалку посетените острови или да заминат на планините на копно.

Покрај тоа, летото 2022 има огромен спектар на културни активности: по две години принудна пауза поради короната, се одржуваат безброј концерти, а во античките театри, како Епидаурос, Филипои, Дион, Додони, Самотраки и многуте отворени театри во земјата, секој викенд има изведби на трагедии, комедии и модерни претстави. Да се танцува може на мали народни фестивали во многу места во Грција.

Фолклорна група танцува низ старото градско јадро на Ханија, на Крит (јули 2022)
Фолклорна група танцува низ старото градско јадро на Ханија, на Крит (јули 2022)Фотографија: Louisa Gouliamaki/AFP

Борис Џонсон и Британците

Ниту војната против Украина не го расипа одморското расположение. Дури и отсуството на туристи од Русија, кои до 2021 година беа важни за регионите како Халкидики и Крит, е компензирано со гости од други земји.

До средината на август 2022 година повеќето туристи во Грција доаѓаа од Велика Британија, вклучително и познати личности како Борис Џонсон. Речиси исто толку луѓе дојдоа од Германија, а потоа следуваат туристи од Италија, Франција, Холандија, Швајцарија, Австрија и Полска. Податоците на централната банка, покажуваат и дека во јуни 2022 година имало приближно 50 проценти повеќе посетители од САД во споредба со 2019 година. Туристичката индустрија е особено задоволна, зашто Американците во просек трошат повеќе пари од другите туристи.

Плажата Лаганас на грчкиот остров Закинтос
Плажата Лаганас на грчкиот остров ЗакинтосФотографија: Global Travel Images/picture alliance

Аеродроми без хаос, хотели без персонал

Големите изненадувања на летото 2022 година во грчкиот туризам досега се:

Прво, немаше хаос на грчките аеродроми.

Второ, хотелите и рестораните не можеа да најдат доволно персонал, иако невработеноста во земјата е над 12 проценти. Според Институтот за истражување на туризмот ИНСЕТЕ, едно од пет работни места останало слободно - главно затоа што работните услови и опциите за сместување за потенцијалните вработени често се мизерни.

Многу Грци сега претпочитаат да работат во сферата на туризмот во странство  - дури и во егзотичниот Исланд. Таму наоѓаат подобри услови за работа и се подобро платени отколку дома. Парите тогаш ќе бидат доволни за претстојната зима - ако нема работа во туризмот.

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки