Реакции по одлуката на Стразбур: Победа на правната држава
16 февруари 2023Државниот врв ја поздрави одлуката на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), која ги отфли жалбите на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, коишто беа поднесени до Стразбур по укинувањето на аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Владата оценува дека пресудата е во полза на државата и потврдува дека жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени вклучително и во делот за наводните помилувања.
Додека за СДСМ станува збор за голема победа на правдата, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ѝ порача на Владата место да слави за одлуката во Стразбур, да се загрижи бидејќи суштината и правдата ќе излезат на виделина, а судот денеска само констатира дека апликациите се преуранети. „Европскиот суд за човекови права донесе одлука во која вели дека поднесените апликации од апликантите се преуранети и не навлегува во суштината на апликациите. Во одлуката се вели дека не се исцрпени сите правни механизми во Македонија“, се потенцира во партиското соопштение. Владата треба да биде загрижена од оваа одлука, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, „бидејќи суштината и правдата еден ден ќе излезат на виделина.“
Победа во корист на државата
„Ова е огромна победа и огромен успех на нашата држава. Македонскиот тим навистина даде се од себе и извојува победа во исклучително комплексен случај. Би сакал да изразам огромна благодарност за нивната посветена работа во текот на изминатиот период. Со одлуката на Судот во Стразбур која во случајов е во корист на државата, жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени вклучително и во делот за наводните помилувања“, изјави премиерот Димитар Ковачевски, во однос на одлуката за предметот „Талески и другите против Северна Македонија“ .
Според Ковачевски, аргументите на Владата во однос на недозволеноста на апликациите се целосно уважени од страна на Судот во Стразбур. „Особено е важно да се истакне дека спротивно на тврдењата на апликантите, Судот не утврди прекршување на Европската Конвенција за заштита на човековите права. Ова е победа и на државата и на правдата и на правосудниот систем. Со одлуката, Судот смета дека жалбите на апликантите се недозволени во принцип поради неискористување на домашните правни лекови', вели тој.
Ковачевски потенцираше дека како држава која води преговори со ЕУ со крајна цел полноправно членство на Северна Македонија во Унијата, факт е дека владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за државата.
„Со оглед на фактот што кривичните постапки на кои се однесуваат апликациите и оваа одлука, се сѐ уште во тек пред домашните судови, би се воздржал од дополнителни коментари, за да нема недоразбирања или можеби да се протолкува како влијание на понатамошните процеси“, изјави Ковачевски во Волково.
Правата да се остварат пред домашните судови
По објавувањето на одлуката од страна на Европскиот суд за човекови права, претседателот Стево Пендаровски соопшти дека сите засегнати со постапките поведени од страна на обвинителството и судовите во државата, треба своите права да си ги остваруваат пред домашните институции, како што е наведено и во одлуката на Судот во Стразбур.
„Во оваа смисла, сите постапки пред домашните судови продолжуваат до нивно конечно завршување, односно исцрпување на сите правни средства согласно правните прописи на нашата држава“, се вели во соопштението.
И вицепремиерот за европски прашања и поранешен министер за правда, Бојан Маричиќ, оцени дека правната држава победи, а помилувањата немаат законска основа.
„Постапките продолжуваат пред домашните судови, бидејќи е нелегитимно да се прескокнуваат македонските судови. Можеби Европскиот суд е искористен во овој случај како алатка за одолговлекување на постапките, но сепак владеење на правото е неприкосновен принцип“, смета Маричиќ.
Според него, исклучително важно е да има спроведена правда која граѓаните ја очекуваат, а која ќе се нотира позитивно во извештаите на Европската комисија во делот почитување на владеење на правото во Северна Македонија.
Што велат експертите?
Поранешната судијка во Судот во Стразбур, Мирјана Лазарова-Трајковска оценува дека Стразбур ги отфрли жалбите во врска со можни повреди на правото на правично судење на жалителите кои се повикаа на дадените па повлечени помилувања, од причина што судот може да прифати случај само откако ќе бидат исцрпени сите домашни правни средства. Но, и во рок кој во време на поднесувањето бил шест месеци сметано од датумот на кој е донесена конечната одлука од страна на националните власти, вели Лазарова -Трајковска.
Ваквата одлука може да влијае само во однос на преиспитување од страна на жалителите дали се уште останале можности за покренување на правни лекови пред националните судови или во некои постапки тие рокови се поминати. Во секој степен од постапката, Судот може да одлучи да отфрли определена жалба од списокот на предмети.
„Во конкретниот случај, иако жалбата, по оценка на Судот била дека жалбите треба да се отфрлат поради неисцрпеност на домашните правни лекови и можел да ги отфрли жалбите и во рана фаза на поднесување во фoрмација од Комитет од тројца судии, тој сепак предметот го одлучил во совет од седум судии заради неговата комплексност и важност за подносителите на жалбите но и за националните власти“, вели Лазарова -Трајковска, која што е судија во Врховниот суд.
„Нема простор за триумфализам“
Адвокатот Влатко Илиевски, кој е застапник на обвинетите и осудените пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, вели дека е зачуден зошто судот чекал толку долго за да се изјасни по жалбата за поништената аболиција од поранешниот претседател Ѓорге Иванов.
„Ме чуди тоа зошто на Судот за човекови права во Стразбур му требаше пет и пол години за да донесе вакво решение. Можеше многу побрзо да каже дека жалбите се недопуштени, односно дека се преуранети. Но, она што е важно дека по оваа одлука нема простор за триумфализам кај Владата, бидејќи ова не значи дека аболицијата е прогласена за неважечка. Затоа кога за овие случаи ќе треба да се одлучува во втор и трет степен, домашните судови треба да ги земат во предвид аргументите кои ги наведовме во апликациите“, порача Илиевски во изјави за медиумите.
Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја отфрли жалбата за поништената аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од 2016 година со која беа помилувани 56 лица осомничени и осудени во повеќе предмети што ги водеше Специјално јавно обвинителство. Апликацијата до Стразбур беше поднесена од седуммина, од кои најголемиот дел се функционери на ВМРО- ДПМНЕ и тоа Никола Груевски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, Сашо Мијалков, Владимир Талески, Тони Трајковски како и Едмонд Темелко.