1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Русија и Виетнам ја продлабочуваат соработката

ЕМФ | агенции
21 јуни 2024

Рускиот претседател Владимир Путин ја заврши својата посета на Азија. Во Виетнам се заблагодари за „одмерениот став“ на земјата во врска со Украина.

https://p.dw.com/p/4hL0n
Рускиот претседател Владимир Путин во Виетнам
Рускиот претседател Владимир Путин ја предупреди Јужна Кореја дека ќе сноси тешки последици доколку ѝ испорачува оружје на УкраинаФотографија: Minh Hoang/AP Photo/picture alliance

Рускиот претседател Владимир Путин ја заврши посетата на Азија со закани кон Украина и Западот. На прес-конференција во Виетнам тој ја предупреди Јужна Кореја дека ќе сноси тешки последици доколку ѝ испорачува оружје на Украина. Испораки на оружје, според него, би биле „тешка грешка“: „Доколку тоа се случи, ќе донесеме соодветни одлуки кои тешко дека ќе му се допаднат на јужнокорејското раководство“, рече Путин.

Критики од Сеул за руско-севернокорејскиот пакт

Владата во Сеул претходно го осуди договорот за стратешко партнерство меѓу Москва и Пјонгјанг како кршење на санкциите на ОН и посочи дека ќе го преиспита својот досегашен негативен став за испораката на оружје за Киев.

За време на државната посета на Пјонгјанг во средата (19.06), Путин потпиша нов договор за партнерство со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, кој предвидува и заемна помош во случај на војна.

Путин на прес-конференција во Ханој вчера изјави дека загриженоста на Сеул е неоснована. Јужна Кореја нема од што да се плаши од договорот за партнерство и помош меѓу Русија и Северна Кореја, бидејќи пактот стапува на сила само ако една од двете земји биде нападната од трета земја. Путин даде уверување и дека нема да распореди севернокорејски војници во Украина. Сепак, 71-годишникот се закани дека ќе ѝ достави прецизно оружје на Северна Кореја. Ова би бил можен одговор на западните испораки на оружје за Украина, рече тој. Западот се однесува како да не се бори против Русија и покрај своите испораки на оружје. Тој, наводно, не ја контролира употребата на неговото оружје од страна на Киев. Русија исто така може да ја испорача својата воена опрема во други региони во светот и веќе да не се грижи за тоа како ќе се користи, изјави Путин.

Пофалби за „одмерениот став“ на Виетнам кон Украина

Претходно, во статија за виетнамскиот весник „Нхан Дан“, кој се смета за гласноговорник на Комунистичката партија во Виетнам, Путин ѝ се заблагодари на земјата за нејзиниот „одмерен став кон украинската криза“. Ханој отсекогаш се воздржуваше од гласањето на ОН за осуда на руската агресивна војна против Украина. Виетнам со децении беше главен клиент за оружје на Русија. Земјите имаат и важни заеднички енергетски проекти.

Виетнам одржува односи со сите страни

За време на својата посета на Виетнам, шефот на Кремљ се сретна со претседателот То Лам, премиерот Фам Мин Чиндер и генералниот секретар на Комунистичката партија, Нгуен Фу Тронг, на чија покана беше во Ханој. „Се сеќавам на големата и убава земја Русија со топли чувства“, рече Нгуен, кој, како и многу членови на виетнамското раководство, студирал во поранешниот Советски Сојуз.

Виетнамскиот претседател То Лам и рускиот претседател Владимир Путин во Ханој
Виетнамскиот претседател То Лам и рускиот претседател Владимир Путин во ХанојФотографија: Minh Hoang/AP Photo/picture alliance

То Лам, зборуваше за голема основа на доверба меѓу двете земји. Тој најави поголема соработка во областа на одбраната и безбедноста. Сепак, Виетнам се обидува да одржи добри односи со сите страни. Тоа е единствената земја која што за 12 месеци ја посетија и американскиот претседател Џо Бајден, и кинескиот претседател Ши Џинпинг и Владимир Путин.

Пред посетата на Виетнам, Путин престојуваше во Северна Кореја, каде што беше пречекан со воени почести. Во меѓународно изолираната земја, шефот на руската држава и севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун во средата потпишаа договор со кој се обврзаа на „заемна поддршка во случај на агресија“ од друга држава. Ким, исто така, му ветил на Путин „целосна поддршка“ во конфликтот со Украина.