Путин сочуствува со мајките на загинатите руски војници
25 ноември 2022Во војната во Украина загинаа или се ранети десетици илјади војници на двете страни, според податоци на САД. Стотици илјади Руси беа испратени во војната во Украина, вклучително и над 300.000 кои беа мобилизирани по наредба на Путин во септември годинава.
Состанувајќи се со 17 жени во неговата резиденција во Ново-Огарјово во близина на Москва, во рамките на одбележувањето на Денот на руската мајка, Владимир Путин беше прикажан во снимено видео, седнат на маса збогатена со чај, колачиња и чинии со свежо овошје. Многумина со насмевка го пречекаа влегувањето на Путин. Путин рече дека ги разбира стравот и грижите на мајките на војниците, и болката на оние кои загубиле синови во Украина.
„Би сакал да знаете дека, јас лично, и целото раководство на земјата- ние ја споделуваме вашата болка“, рече Путин.
„Разбираме дека ништо не може да ја надомести загубата на син, особено за мајка“, додаде тој, со тешко дишење и повремено поткашлување. „Ја споделуваме оваа болка“.
Мајките ги слушаа ставовите на Путин, но нивните коментари не беа објавени.
Игнорирани барања
Во обид да ги демантира критиките за проблемите со кои се соочуваат руските војници во војната, Путин ги повика мајките да не веруваат на интернетот.
„Не можете да верувате никому таму, таму има само лаги, измами и фалсификати“, рече Путин.
Тој ги пофали нивните синови затоа што ја бранат „Новорусија“, термин проникнат во царската империја со кој модерните руски националисти ја опишуваат украинската територија која е окупирана од Русија.
Дел од роднините на војниците убиени во војната велат дека Кремљ ги игнорирал нивните барања за средба.
„Мајките ќе ги постават 'вистинските' прашања кои беа претходно договорени“, порача преку Телеграм, Олга Цуканова, претседател на Советот на мајки и сопруги, пред состанокот.
„Владимир Владимирович- маж си или што си? Имаш ли храброст да се соочиш со нас, лице в лице, отворено, не со претходно договорени жени и мајки кои се во твојот џеб, туку со вистински жени кои допатуваат од различни градови за да се сретнат со тебе? Го чекаме твојот одговор“, напиша Цуканова.