Прво горат книги, а потоа луѓе
10 мај 2023Таа дождлива мајска ноќ германскиот писател Ерих Кестнер стоел во толпата љубопитници пред клада на берлинскиот Плоштад на операта. Луѓе во црни униформи од Штурмабтајлунгот фрлале пакети книги во огнот.
Кестнер чул како го изговараат и неговото име преку микрофонот. „Против декаденција и морално пропаѓање! За воспитување и запазување на обичаите во семејството и државата! Му ги предавам на пламенот книгите на Хајнрих Ман, Ернст Глезер и Ерих Кестнер.“
Тоа било ноќта на 10 мај 1933 година. Во Берлин и уште дваесетина градови во огнови гореле илјадници книги.
Крај на културниот процут
„Да не беше националсоцијализмот и палењето на книги, тогаш сигурно ќе продолжеше културната разноликост и иновативниот дух кој се развиваше во Германија во дваесеттите години“, вели историчарот Вернер Трес, кој има напишано повеќе признати книги на оваа тема.
Доаѓањето на нацистите на власт го окончало културниот процут на Вајмарската Република (1919-1933). Палењето на книгите бил дефинитивен крај на таа ера.
Многу писатели чии книги биле палени, веќе ја имале напуштено Германија: Алфред Кер, Бертолт Брехт, браќата Томас и Хајнрих Ман, Ернст Толер и други. Културната елита на вајмарската ера побегнала од нацистите. Најдоцна на 30 јануари 1933 година, кога Адолф Хитлер станал канцелар на Рајхот, било јасно дека за овие писатели тука веќе нема место.
И пред тоа било јасно дека нацистите се спремни неуморно да се борат против „непријателите“. Тоа биле Евреите, но и „неподобните“, како некои уметници. Кој не бил на линија на партијата, бил сатанизиран како „негермански“.
Црните листи со имиња на книжевници постојано биле проширувани. Во мај 1933 година на нив имало преку 200 имиња, еден година подоцна биле забранети вкупно 3.500 дела.
Раните акции на Штурмабтајлунгот
Нацистите посебно го мразеле Ерих Марија Ремарк. Неговиот роман „На запад ништо ново“ (1928) ја прикажал кланицата на Првата светска војна без шминка. Првиот филм според тој роман бил снимен во Холивуд уште во 1930 година.
Нацистите и конзервативците биле гневни поради пацифистичката идеја на таа книга, тврделе дека ја повредува честа на германскиот војник. Кога филмот почнал да се прикажува во Германија, тепачите од Штурмабтајлунгот ги прекинувале проекциите и издејствувале забрана за прикажување. Ремарк емигрирал во Швајцарија кратко пред нацистите да ја преземат власта.
Така, Ерих Кестнер веројатно бил единствен автор кој во живо го гледал палењето на своите книги. Но, во весникот „Њујорк тајмс“ тогаш било објавено отворено писмо упатено до германските студенти кои биле важен дел од нацистичката инквизиција против книгите.
„Историјата не ве научила на ништо ако верувате дека можете да ги убиете идеите“, напишала во писмото американската глувонема авторка Хелен Келер, чии книги исто така биле палени. Забранувани биле и делата на Џек Лондон, Ернест Хемингвеј, Максим Горки...
Таа ноќ кај кладата во Берлин, некоја жена извикала: „Еве го Кестнер!“ Писателот навел подоцна дека не му било ни малку пријатно, се оддалечил од плоштадот, но останал во Германија. Не бил Евреин, па некако ја преживеал нацистичката диктатура.
Други поминале полошо. Новинарот и писател Карл фон Осјецки е уапсен во 1933 година, а умрел пет години подоцна, по тешка робија и мачења. Публицистот Ерих Мизам и германско-еврејската поетеса Гертруд Колмар се убиени во концентрациони логори.
Ненадоместлива загуба
Оние кои заминале навреме, често морале да се снаоѓаат во странски земји, прекинувајќи ја писателската кариера. Други биле натерани во самоубиство поради психички или финансиски тегоби, меѓу нив Валтер Бенјамин, Штефан Цвајг и Ернст Толер .
Меѓу ретките емигранти од културната елита кои ја продолжиле својата кариера биле Фриц Ланг, Били Вилдер, Бертолт Брехт и Томас Ман.
„За американските универзитети и културни институции приливот на мигранти од Германија бил голема добивка. Од тоа профитираат до денес“, вели историчарот Вернер Трес. „Би рекол дека Германија до денес не се опорави од таа загуба.“
Празни полици и шахта
„Таму каде што се палат книги, на крајот се палат и луѓе“ - стои на плакета на некогашниот Плоштад на операта во Берлин. Тоа се зборови на германско-еврејскиот поет Хајнрих Хајне од 1820 година.
Тука е и оригиналниот споменик – осветлена подземна шахта полна со празни полици за книги кој во 1995 година го постави израелскиот уметник Миша Улман.
„Националсоцијалистите во 1933 година палеа книги, во 1938 година палеа синагоги, а во 1942 и 1943 година во Холокаустот, организираниот геноцид над европските Евреи, гореа луѓе“, потсетува историчарот Трес.
Се разбира дека Хајнрих Хајне на почетокот на 20-от век немал кристална кугла која претскажува иднина. Варварскиот чин на палење на книги (и луѓе) има долга историја - од грчката антика, преку историјата на христијанството и исламот, сѐ до денешен Иран или Русија.
Авторитарните режими во цел свет се плашат од слободниот збор. Толку што нацистите на тој 10 мај 1933 година ги палеле и делата на Хајнрих Хајне, поет кој во тој момент бил мртов веќе седум децении.