1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести во Кина: Станува замислив крај на ерата Ши

Autorenbild | Alexander Görlach
Александар Герлах
30 ноември 2022

Кина со децении не доживеала протести со ваква големина. Во центарот на критиките сѐ повеќе се наоѓа шефот на државата и партијата Ши Џинпинг.

https://p.dw.com/p/4KHxW
Белите листови хартија станаа симбол на протестите против „нулта Ковид“ стратегијата во Кина
Белите листови хартија станаа симбол на протестите против „нулта Ковид“ стратегијата во КинаФотографија: Koki Kataoka/Yomiuri Shimbun/AP Photo/picture alliance

Сликите што го обиколуваат светот се неверојатни: за првпат по протестите за демократија во 1989 година, во Народната Република се формира отпор против политиката на Комунистичката партија и против владетелот Ши Џинпинг лично. Луѓето скандираат „На Кина не ѝ треба император“, или „Дајте ми слобода или донесете ми смрт!“

Владетелот Ши, кој во октомври си обезбеди трет мандат и на тој начинја отвори вратата за доживотно владеење, е лут. Затоа, на одговорот на режимот не се чекаше долго: во ноќта помеѓу понеделник и вторник (28.11/29.11), масовното полициско присуство во Шангај и Пекинг спречи собири на луѓето.

КП сака да го изгасне протестниот оган

Во непосредна близина на местата за демонстрации беа контролирани мобилните телефони на луѓето за да се види дали на нив има видеа или фотографии од протестите. Властите, веројатно преку препознавање на лицето, открија и кој присуствувал на демонстрациите. Полицијата отишла во домовите на овие лица и ги испрашувала. Освен тоа, се апсат и новинари кои известуваат за протестите. Универзитетите во Пекинг и провинцијата Гуангдонг ги испраќаат своите студенти дома на еден вид вонреден распуст. Ова треба да ги спречи да учествуваат на активности како што се ноќните стражи. Се очекуваат казни за оние кои ќе останат во кампусот.

Александер Герлах
Александер ГерлахФотографија: Hong Kiu Cheng

Разликата во споредба со протестите пред 33 години е што на овие демонстрации досега учествуваа само неколку илјади луѓе. Затоа, раководството очигледно претпоставува дека може да го изгасне огнот што се заканува да се запали. Генерално, протестите веројатно ќе влијаат на збивање на редовите на 94-те милиони членови на Комунистичката партија. Во исто време, протестите покажуваат и дека многу од лагите што раководството секојдневно им ги кажува на луѓето веќе немаат ефект.

На пример, рутинското обвинување на странците стана стандардна фраза на Ши, на која ѝ се потсмеваат и демонстрантите. „Гардијан“ цитираше лице кое учествуваше на протестите во Пекинг: „Не можеме да патуваме во странство, не можеме да консумираме странски медиуми. Како е можно тогаш да бидеме подбуцнувани од странство?“ Други се приклучуваат, но со посериозен тон: „Пожарот во Урумчи, дали тоа беа странски сили?“, „Автобуската несреќа во Гуижу, дали странските земји се виновни?“ Во пожар во Урумчи загинаа 10 лица, а во Гуижу, во несреќа на автобус кој пренесуваше луѓе во карантин, загинаа 27 луѓе. Демонстрантите се жалат дека луѓето ги загубиле животите првенствено поради мерките против Ковид, и за тоа ги обвинуваат Комунистичката партија и Ши лично.

Ши Џинпинг заталка

Во демонстрациите учествуваат и студенти и работници. На кампусот извикуваат „Долу КП!“, на улица „Нема ПЦР-тест! Слобода!“ Нивните извици сведочат дека владетелот Ши Џинпинг заталкал со својата стратегија „нулта Ковид“. Ова се должи на неговата идеологија: според неговата ултранационалистичка приказна, на Кина како „централно царство“ не ѝ треба остатокот од светот. Светот, пак, од друга страна, не може без Кина. Задачата на Ши, предодредена од светската судбина, е да ја врати Народната Република на нејзиното вистинско место во центарот на светските случувања.

Секој што размислува и зборува на овој начин не може да купува странски вакцини и на тој начин, преку ефективни кампањи за вакцинација, да ги постави темелите за крај на карантинот и ограничувањата. Затоа, според волјата на Ши Џинпинг, кога се прогласува локдаун, луѓето остануваат изолирани во своите домови до 100 дена. Димензијата на овие локдауни е сè уште огромна: на 23 ноември, во локдаун беа 415 милиони луѓе, една недела порано - 340 милиони, а притоа имаше само 28.000 нови инфекции дневно.

Ова не се први протести годинава

Сепак, сликите што моментално можат да се видат на смартфоните и екраните ширум светот не ги покажуваат првите протести против владата на Ши оваа година. Невладините организации од 18 мај годинава избројаа до 735 демонстрации, но само околу 50 од нив беа насочени против мерките за сузбивање на короната. Околу 230 протести имаше пролетоска, кога пукна балонот со недвижности и илјадници луѓе стравуваа дека ќе ги загубат заштедите што ги инвестирале во станови. Други причини за протести беа банкарската криза, во текот на која штедачите веќе не можеа да подигаат пари. И, поради пандемијата, економијата е во лоша состојба, поради што невработеноста кај младите во Кина е околу 20 проценти, највисока откако се памети. Податоците ги собра и обработи магазинот „Економист“.

Во вторникот демонстрантите се повлекоа - победа на поени за партијата. Но, има надеж. За време на јубилејна манифестација на КП во октомври, еден демонстрант разви транспарент на мост во Пекинг, на кој имаше повик за соборување на „диктаторот и предавникот Ши“. Транспарентот наиде на аплауз и свирежи. За само шест недели, од еден храбар човек се создадоа неколку илјади храбри луѓе. Наредната недела може да бидат стотици илјади, за еден месец можеби милион. Доколку не дојде до суштинска промена во Ковид-политиката, протестите ќе продолжат и насилството ќе ескалира. Колку ќе станува погласен повикот за слобода, толку ќе биде позамислив крај на ерата Ши.

Александер Герлах е соработник на Карнеги Советот за етика во меѓународните односи и научен соработник на Интернет институтот во Оксфорд, а предавал и на Институтот за верски и меѓународни студии на Универзитетот Кембриџ, како и на Харвард.