1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НБМ: Помал економски раст и зголемување на инфлацијата

ДТЗ /МИА
23 ноември 2022

Раст на брутодомашниот производ до 2,3 отсто годинава и раст на инфлацијата од 14,3 отсто се предвидува во најновите макроекономски прогнози на Народната банка.

https://p.dw.com/p/4JwRW
денари
Се предвидува раст на брутодомашниот производ до 2,3 отсто оваа година и на раст на инфлацијата од 14,3 отстоФотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Народната банка (НБМ) во најновите макроекономски прогнози предвидува раст на брутодомашниот производ годинава до 2,3 отсто и на инфлацијата од 14,3 отсто. НБМ направи надолна ревизија на априлските проекции, со која најави надолна проекција за економскиот раст, а нагорна за инфлацијата.

„Есенските проекции на централната банка покажуваат дека годинава би ја завршиле со инфлација од 14,3 проценти, а следната година се очекува постепено забавување на ниво од 8 до 9 проценти. На среден рок, инфлацијата ќе се намалува, сведувајќи се на 2,4 проценти во 2024 година и на 2 процента во 2025 година. Не се предвидува квартален пад на економијата“, вели гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска. 

Според основното сценарио, стапката на раст за годинава би била 2,3 проценти, а за следната година 2,6 проценти, додека според второто сценарио, растот оваа година би изнесувал околу два процента и би забавил на 1,8 проценти следната година. На среден рок, се предвидува опоравување на растот на БДП на 3,6 проценти во 2024 година и на 4 проценти во 2025 година. Ризиците околу растот остануваат надолни и во голема мера ќе зависат од движењата во европската економија. 

Ризици и сценарија 

Ризиците за проекциите се оценуваат како изразено надолни и се поврзани со надворешното опкружување особено со текот на војната во Украина и импликациите на глобалните пазари врз примарните производи и врз растот на европската економија.

„Овој неизвесен глобален контекст уште повеќе ја потенцира потребата за водење на прудентни домашни политики“, вели  Бежоска. 

За разликата во инфлацијата што ја има во Европската Унија и кај нас, гувернерката вели постојат неколку фактори. „Нашата увозна зависност и степенот на трговска отвореност на нашата економија е значајно поголем во споредба со ЕУ. Кај нас трговската отвореност е 140 проценти од БДП, а во ЕУ - 70 проценти. Вториот важен фактор е голема увозна зависност во енергетскиот сектор, а нашата економија во споредба со европската е енергетски поинтензивна. Третиот значаен фактор е потрошувачката кошничка, односно кај нас на храна и енергија отпаѓа околу 50 проценти, а во ЕУ околу 30 проценти. Оттука, јасно е дека ист глобален шок ги погодува сите економии, но интензитетот со кој ги погодува, зависи од голем број домашни фактори“, посочи Ангеловска-Бежоска. 

Дефицит 

За годинава, дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќања се очекува да изнесува 7,4 проценти од БДП, а во 2023 година предвидено е да се намали на 5,6 проценти за на среден рок во 2024-2025 година да имаме низок дефицит на тековната сметка од 1,6 проценти од БДП, сличен на просекот пред пандемијата.

Надлежните уверуваат дека граѓаните не треба да се грижат за стабилноста на денарот затоа што девизните резерви се на ниво од 3,7 милијарди што е на слично ниво како и на почетокот на годината, а очекувањата се дека тие ќе продолжат да растат што е гаранција за одржувањето на домашната валута.

Најновите проекции за кредитниот пазар упатуваат на умерено забавување на растот на кредитната активност до крајот на годинава, кое ќе продолжи  и во 2023 година. Растот на кредитите во 2022 година се очекува да изнесува 9,2 проценти на годишна основа, додека во 2023 година 7,1 проценти. Во следниот период се очекува стабилизирање на кредитната активност, со просечна стапка на раст од 7,5 проценти во периодот 2024‒2025 година, во услови на раст на домашната економија, стабилизација на очекувањата и зголемена побарувачка на кредити од домаќинствата и корпоративниот сектор.