1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НБ: Економски раст од 2,3% и инфлација од 3,5 % годинава

ДТЗ
7 ноември 2024

Состојбите во Германија се рефректираат и во македонската економија, вели гувернерката Бежоска. Најавите се дека ќе има забавување на инфлацијата и послаб раст на домашната економија оваа и наредната година

https://p.dw.com/p/4mkS6
Анита Ангеловска-Бежоска
Состојбите во Германија се рефректираат и македонската економија, вели гувернерката Анита Ангеловска-БежоскаФотографија: NBRM

Според есенските макроекономски проекции на Народната банка, се очекува раст на македонската економија од 2,3 отсто и инфлација од 3,5 отсто. Минатата година инфлацијата беше 9,4 отсто. За наредната година се очекува економски раст од 3,3 отсто, а инфлацијата ќе се намалува до ниво од 2,5 отсто. Најавите се дека ќе има забавување на инфлацијата и послаб раст на домашната економија за оваа и за следната година во споредба со априлските прогнози.  

Во периодот 2026 ‒ 2027 година во Северна Македонија се очекува натамошно забрзување на растот, согласно очекувањата за поповолен надворешен амбиент и засилени инвестициски активности. 

Сè уште постојат ризици  

Според гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, најновите оценки го потврдуваат априлското согледување за просечна стапка на инфлација од 3,5 отсто во 2024 година, иако во последниот квартал се очекуваат одредени нагорни поместувања. За следната година се очекува стапка на инфлација од 2,5 процени што е мала нагорна ревизија во однос на април.

„Како ризици и натаму се сметаат цените на примарните производи, коишто се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските фактори, како и домашните политики со кои се влијае врз агрегатната побарувачка во домашната економија“, посочи гувернерката на прес-конференција во Скопје. 

Во согласност со закрепнувањето на светската економија и странската побарувачка, и натаму се очекува постепено забрзување на растот и на македонската економија. „Во услови на значително забавување на домашната инфлација и поволен девизен пазар, сѐ уште постојат ризици, Народната банка почна со претпазливо нормализирање на монетарната политика. Народната банка внимателно, на дневна основа, ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците коишто сѐ уште постојат и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност“, вели Ангеловска-Бежоска. 

Влијанието на германската економија на македонските проекции 

Како состојбите во германската економија се одразуваат врз растот на македонската економија, како еден од најголемите трговски партнери на земјата? 

Гувернерката оцени дека движењата во германската економија се неповолни. Според неа, станува збор за економија во рамките на ЕУ којашто најбавно се опоравува од шоковите со коишто беше соочена. Причините за тоа се повеќекратни - станува збор за економија којашто е извозно ориентирана и во голема мера зависи од глобалниот контекст, но има и домашни структурни фактори кои што го отежнуваат процесот на закрепнување.

„За нас германската економија е клучен партнер. Дури и ако се споредиме во рамки на регионот на Западен Балкан нашата изложеност кон германската економија е најголема, нешто над 40% од вкупниот наш извоз се насочува во германската економија. Оттаму, секогаш ги следиме движењата во германската економија и ги вградуваме при нашите проекции. Всушност една од причините за ревизија за изгледите за растот во нашата економија е намалување на странската побарувачка, а во голема меркна на странската побарувачка како доминантен извозен партнер влијае германската економија“, рече Бежоска.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема