Лукашенко му помага на Путин и ја јакне својата позиција
26 јуни 2023Сакаше да оди во Москва, но ќе стаса во Минск. Платениците на шефот на групата „Вагнер” веќе беа упатени кон главниот град на Русија, кога белоруските власти јавија дека Пригожин „го прифатил предлогот на белорускиот претседатњл Александар Лукашенко да го прекине движењето на вооружани припадници на групата Вагнер на руска територија и да преземе натамошни чекори за деескалација на тензиите”. Пригожин ја напуштил Русија и се упатил кон Миснк, со што се заврши и неговата побуна.
Одеднаш Александар Лукашенко е оној кој го спаси Путин од дестабилизација на Русија среде војната со Украина. „Благодарни сме му на белорускиот претседател за неговите напори”, рече портпаролот на Кремљ, Песков. Коментатор на руска телевизија беше уште попрецизен: „Лукашенко заслужува споменик на најдоброто место во Москва”. Но, како можеше сето ова да се случи и која упога ќе ја игра Белорусија во иднина?
Страв од загуба на власта во Минск
Уште во текот на побуната,се покажа дека Лукашенко ќе застане на страната на Путин. Тие најмалку два пати се чуле во текот на денот. Лукашенко му понудил на Путин да посредува, бидејќи лично го познава Пригожин веќе 20 години, се вели од Кремљ. Истовремено белорускиот Совет за безбедност соопшти дека „Русија е сојузник и тоа и ќе остане” и дека било каков конфликт во рамки на Русија е „подарок за колективниот Запад”.
„Лукашенко има интерес да спречи голема криза во Русија”,вели Јаухени Прејхерман, директор на Советот за дијалот за меѓународни односи во Минск. Во интервју за ДВ тој вели дека владата во Минск е загрижена дека борбите од Украина би можеле да се прошират на белоруска територија.
Апелот на противниците на Лукашенко, кои како доброволци се борат на страната на украинската армија, покажува дека стравот не е неоснован. Тие уште за време на побуната на Пригожин во видео клип рекоа дека се подготвени да ја искористат приликата и Белорусија наскоро воено „да ја ослободат од диктатурата и окупацијата”. Политикологот Прејхерман вели дека „интересот на Лукашенко се состои во тоа да спречи вакво нешто”.
Лукашенко и Путин: од барател на помош до помагач
Белорусија и Русија од 1999 ги поврзува писмено документирана Унија, но сепак Лукашенко се обиде во минатото да задржи одредена автономија во однос на Путин. „Нивните релации од секогаш беа прилично турбулентни со многу подеми и падови”, оценува Прејхерман.
Но, најдоцна од летото 2020 година, Лукашенко зависи од Путин, откако по фалсификуваните избори тој се соочи со масовни протести во земјата и илјадници барања да се повлече од функцијата.
Кремљ застана зад Лукашенко со кредити и најава за можна интервенција. Лукашенко брутално ги задуши демократските протести. Предводниците беа уапсени или протерани во егзил.
Сега Путин и Лукашенко ги сменија улогите, смета белоруската активистка за човекови права, Олга Карач, шефица на организацијата „Наша куќа”.
„Порано Лукашенко беше оној кој молеше за помош и не можеше од сопствени сили да го воспостави поредокот во својата земја. Сега Путин се најде во истата положба, да може поредокот да го воспостави само со помош од надвор”, вели таа за ДВ.
Карач оценува дека од тоа Лукашенко ќе профитира и на внатрешнополитички план. Во изминатите месеци имаше многу шпекулации за наводно нарушеното здравје на 68-годишниот Лукашенко, но сега „неговиот авторитет расте и во безбедносниот апарат”, вели таа. Тоа пак веројатно ќе ја ослабне белоруската опозиција.
Поголемо влијание во Москва
За време на руската агресија против Украина, Лукашенко политички беше близок до Путин и дозволи да се лансираат руски ракети кон Украина од територијата на Белорусија. Многу експерти и најавата на Русија дека ќе распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија ја толкуваа како уште еден знак за потчинетост на „вазалот”.
Лукашенко сега може да стане посилен и да има поголемо влијание врз Русија, смета Прејхерман. „Ќе се зголеми неговата улога во руската внатрешна и надворешна политика. Не мислам дека тоа ќе им се допадне на многу луѓе во Москва и Кремљ”, вели политикологот.
Во минатото во Минск апсени платеници на Вагнер групата
Малку се знае за релациите на Пригожин и Лукашенко. Но, и белорускиот претседател во минатото има доживеано конфликт со групата Вагнер, кога во јули 2020 во пресрет на спорните претседателски избори во близина на Минск беа уапсени 33 наводни платеници на Вагнер, бидејќи според истражителите подготвувале „провокации” пред изборите. Потоа се покажа дека нивното апсење може да било резултат на операција на украинската тајна служба, така што две недели подоцна мажите беа ослободени и протерани во Русија.
Засега не се познати детали од договорот меѓу Лукашенко и Пригожин, а пред сѐ останува нејасно дали ќе остане во Минск или продолжува на трето место во странство. По побуната во Русија, Лукашенко внимателно ќе го следи шефот на платениците. „Пригожин нема да биде во состојба во Белорусија да се етаблира како што тоа му успеа во Русија”, вели политикологот Прејхерман.
Можен партнер за преговори?
Лукашенко, кој е под санкции од Западот, и покрај неговата зацврстена улога, и во иднина останува зависен од Русија. Белорусија „е дефинирана од развојот на рускиот режим кој го доживеа најтешкиот политички удар во изминатите децении. На површина излезе мерата на неговата фрагилност, внатрешните непријателства и хаосот”, вели белорускиот политиколог Артем Шрајбман од порталот „Зеркало”.
Најголемиот ќар за Лукашенко може да биде повторно да се профилира како партнер за дијалог во регионот.
Ден по неуспешната побуна во Русија, секретарот на украинскиот Совет за безбедност, Олексеј Данилов, рече дека учеството на Лукашенко во преговорите на Украина со Русија „не е исклучено”.