Избори во САД: Бајден и Трамп договорија ТВ-дуели
16 мај 2024Ниту еден од нив сè уште не е официјално именуван за претседателски кандидат на сопствената партија - но актуелниот американски претседател Џо Бајден и неговиот републикански противкандидат Доналд Трамп веќе се договорија за два датума за „одмерување на силите“ во ТВ-дуели.
За точно шест недели - на 27 јуни - ќе се одржи првиот ТВ-дуел пред телевизиските камери на Си-Ен-Ен. Според телевизијата, дебатата ќе се одржи во градот Атланта во сојузната држава Џорџија. Вториот ТВ-дуел е закажан за 10 септември и ќе се емитува на телевизијата Еј-Би-Си. По неа остануваат уште речиси два месеци до датумот за претседателските избори во САД на 5-ти ноември.
Брзиот договор за распоредот на ТВ-дуелите уследи по најавата на Бајден дека нема да учествува на есенските претседателски дебати кои ги спонзорира една непартиска комисија која ги организира ваквите дебати повеќе од три децении.
Мала размена на удари без телевизиски камери
Наместо тоа, кампањата на Бајден предложи медиумите директно да организираат ТВ-дуели со демократскиот и републиканскиот кандидат.
Трамп во објава на својата социјална мрежа Трут Соушал рече дека е „подготвен да се вклучи во дебата“ со Бајден.
Неколку часа подоцна, Бајден рече дека ја прифатил поканата на Си-Ен-Ен. „Сега е ред на тебе, Доналд“, додаде тој.
Трамп преку неговата социјална мрежа Трут Соушал одговори дека ќе дојде и напиша: „Ајде да се подготвиме за џумбус!!!“. И набргу потоа, и двајцата се согласија на втора дебата на Еј-Би-Си.
„Трамп вели дека сам ќе си организира превоз“, напиша Бајден на X. „Јас ќе го земам мојот авион. Планирам да го задржам уште четири години.“
.