Сиљановска победи во 60 општини, Пендаровски само во две
25 април 2024Првиот круг од претседателските избори во Северна Македонија донесе убедливо водство на претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова и неочекувано лоши резултати за актуелниот претседател, Стево Пендаровски кој останува во трката за втор мандат. „Нема предавање, се уште ништо не е одлучено, конечниот победник ќе се знае на 8 мај“, порача Пендаровски, откако стана извесно дека неговата противкандидатка има двојна предност во првиот круг од изборите.
По пребројаните 99,85 отсто од избирачите, според податоците на ДИК, Сиљановска освои најмногу гласови - 362.682 (40,08%), пред Стево Пендаровски од СДСМ со 180.306 (19,93%), со што партијата за првпат има освоено помалку од 200 илјади гласови на парламентарни и претседателски избори во земјата.
Трет на листата по освоени гласови е Бујар Османи од ДУИ со 120.903 (13,36%), Арбен Таравари од коалицијата Вреди има 83.356 (9,21%), Максим Димитриевски од ЗНАМ има 83.787 (9,26%), а Билјана Ванковска поддржана од Левица 41.172 (4,55%). Стевчо Јакимовски од ГРОМ има 8.103 (0,90%), што е помалку од бројот на граѓански потписи коишто мораше да го обезбеди како поддршка за да влезе во изборната трка.
Пендаровски супериорен само во две општини
Сиљановска ја доби довербата на гласачите во дури 60 општини, Пендаровски во две. Бујар Османи од ДУИ во 16, а Арбен Таравари од Вреди и Максим Димитриевски од ЗНАМ се најдоа први на листата во по една општина.
Пендаровски, според првичните резултатите на ДИК е посупериорен само во Крушево и Маврово и Ростуше. Во Крушево, Пендаровски освои 2.026 гласа, а Сиљановска ја доби поддршката од 1.778 гласачи. Во Маврово и Ростуше, пак, фаворитот на СДСМ и колалицијата ја доби довербата од 1.091 гласач, додека за противкандидатката од ВМРО-ДПМНЕ гласале 1.036 граѓани.
Пендаровски има предност пред Сиљановска и во Општина Центар Жупа, каде прв на листата е кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, со освоени 448 гласа. Пендаровски во оваа општина има освоено 447, а Сиљановска 306 гласа. Во Општина Струмица, „бастионот“ на СДСМ, каде партијата традионално ја добива поддршката на гласачите, на овие претседателски избори во првиот круг победи Сиљановска со 11.808 гласа, додека за Пендаровски гласале 9.008 избирачи.
Јакимовски со помалку гласови од потписи за поддршка
Од тројцата актуелни градоначалници кои се кандидираа за претседател на државата само двајца добија најголем број гласови во општините каде се градоначалници - Максим Димитриевски во Куманово и Арбен Таравари во Гостивар.
Во општина Куманово најмногу гласови освои Максим Димитриевски 14.286 (30,16%). По него, следи Гордана Сиљановска Давкова со 11.982 гласови (25,29%), Бујар Османи со 6.203 (13,09%), Стево Пендаровски со 7.399 (15,62%), Арбен Таравари со 4.325 (9,13%), Билјана Ванковска со 1.814 (3,83%) и Стевчо Јакимовски со 238 (0,50%).
Стевчо Јакимовски, пак, во Карпош освои шест проценти од гласовите. Од вкупно 8.013 гласови, во општината со која раководи има добиено поддршка од 2.143 гласачи. Четворица кандидати за претседател имаат повеќе гласови од него, меѓу кои Ванковска и Димитриевски.
Османи води пред Таравари
Претседателскиот кандидат на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, Бујар Османи, има предност во 16 општини во споредба со Арбен Таравари од албанската опозиција. Бујар Османи победи во: Арачиново, Боговиње, Врапчиште , Дебар, Долнени, Желино, Липково, Пласница, Сарај, Струга, Студеничани, Теарце, Тетово, Чаир, Центар Жупа и Шуто Оризари, додека кандидатот на албанската опозиција, Арбен Таравари.
Градоначалникот на Гостивар и кандидат за претседател на Коалицијата Вреди, Арбен Таравари во општина Гостивар освои 9. 895 гласа (33,47%), само 75 повеќе од кандидатот на ДУИ Бујар Османи, кој доби 9.820 гласа (33,22%).
Излезноста на гласачите според податоците од 3.156 избирачки места изнесува 49,75 отсто. На гласање излегле 810 971 гласачи. Важечки гласачки ливчиња се 789 031, а неважечки 21. 946 гласачки ливчиња. Право на глас имаа 1.814.317 граѓани запишани во избирачки список. Во вториот круг кој ќе се одржи на 8 мај, заедно со парламентарните избори ќе се соочат кандидати кои добија најмногу гласови - Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски.
Ова се седми непосредни избори за претседател од независноста на државата.