1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Софтвери: Рашковски осуден на 8 години затвор

ДТЗ
6 јули 2023

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски и уште шестмина обвинети добија затворски казни за злоупотреби од три до осум години затвор во случајот „Софтвери“.

https://p.dw.com/p/4TUuP
Драги Рашковски
Драги Рашковски е осуден на 8 години затвор за случајот „Софтвери“Фотографија: DW/P. Stojanovski

Кривичниот суд во Скопје денеска ја објави пресудата за случајот „Софтвери“, во кој првообвинет е поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски. Тој е осуден на единствена казна од осум години затвор за спорни тендери, набавка на софтвери и исплата на хонорари. За злоупотреба на службената положба е осуден на седум години затвор, а за делото перење пари, една година и шест месеци затвор. 

Покрај Рашковски, уште шестмина обвинети добија затворски казни за злоупотреби од три до осум години затвор. 

Со одлука на судот, неправосилно се осудени Ивица Димитровски на пет години затвор, Игор Христов на 5,5 години затвор, Даниел Станчев е осуден на четири години затвор, Ирена Ивановска на 3,5 години, а Игор Ивановски и Маја Силјановска на три години затвор. Пресудата не е правосилна и тие имаат право на жалба до Апелацискиот суд Скопје.

Обвинителката Ивана Трајчева, која го водеше случајот, побара притвор за Рашковски и уште неколкумина осудени поради опасност од бегство. Изрекувањето на пресудата го следеше и шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази.  

За какви злоупотреби се осудени? 

Според Обвинителството  Рашковски во периодот од јуни 2017 година до февруари 2021 година, со умисла помогнат од двајца надворешни соработници, ги извршил кривичните дела. Тој не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.

Случајот со набавката на софтверот од 81.000 евра, кој никогаш не бил ставен во употреба, беше обелоденет на почетокот на март 2021 година.  Покрај овој тендер, во летото 2019 година, Рашковски донел уште две одлуки за јавна набавка за работи потребни за софтверот, иако во тоа време сè уште не бил склучен договор за набавката на софтверот.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи