Преспански договор
Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018 во местото Нивици на грчката страна на Преспанското езеро. Тој му стави крај на спорот кој траеше цели 27 години.
Потпишување
Договорот за решавање на спорот за името во Псарадес, на грчката страна од Преспанското Езеро, го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас. „Горди сме затоа што избравме решение што нѐ обединува“, оцени македонскиот премиер Заев. Неговиот грчки колега Ципрас рече: „Овде сме да ги залечиме раните што ги остави времето, да отвориме пат за мир, братство и пораст“.
Роденден
Потпис на договорот стави и долгогодишниот посредник на Обединетите Нации во спорот за името, Метју Нимиц. Потпишувањето се падна токму на неговиот 79-ти роденден. „На членовите на моето семејството им реков дека не сакам подароци за овој роденден, зашто двајца премиери ќе ми дадат еден голем подарок“, рече Нимиц на церемонијата во Псарадес.
Вратоврска
Кога по потпишувањето на договорот требаше да се направи семејна фотографија од настанот, македонскиот премиер Зоран Заев, веројатно не сакајќи да се разликува од Алексис Ципрас, кој е познат по тоа што не носи вратоврски, ја извади својата црвена вратоврска и му ја подари на својот грчки колега. Тоа беше поздравено со широки насмевки и громогласен аплауз од присутните.
Договорот зачинет со македонска храна и вино
Официјалната средба по потпишувањето во Псарадес се префрли на македонскиот брег на Преспанското Езеро. Двете делегации до Отешево стигнаа по воден пат, со чамци. Во Отешево се водеа билатерални разговори и имаше свечен ручек. На заедничкиот ручек присуствуваа и претставниците на Европската Унија и Обединетите Нации – Федерика Могерини, Јоханес Хан, Метју Нимиц и Розмари Ди Карло.
Протести во Скопје
Потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името предизвика протести во Македонија. Демонстрантите пред Собранието на 17.06.2018 се судрија со полицијата. Во безредијата имаше повредени и приведени лица. Според полициски наводи, имаше и неколку повредени полицајци, како и над 25 уапсени учесници на протестите. Официјален организатор на протестите немаше.
Револт и во Грција
Во Грција исто така се протестираше. Противниците на договорот за решавање на спорот за името во Атина за време на расправата за доверба на владата на Ципрас се судрија со полицијата пред парламентарната зграда (фото: 16.06.2018). Полицијата мораше да употреби солзавец за да ја разбие толпата која се обиде да влезе во парламентарната зграда. Владата го преживеа гласањето.
Придобивки
Со ратификацијата на договорот во двете земји беше надминат деценискиот спор, поради кој беа закочени евроатлантските интеграции на Македонија. Со новото име, Северна Македонија веќе стана 30-та членка на Северно-атлантскиот воен сојуз, НАТО и се наоѓа непосредно пред почеток на пристапните преговори со ЕУ.
Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018. Тој му стави крај на спорот кој траеше повеќе од четврт век, и поради кој беа закочени евроатлантските интеграции на Македонија. Со новото име, Северна Македонија веќе стана 30-та членка на Северно-атлантскиот воен сојуз, НАТО и се наоѓа непосредно пред почеток на пристапните преговори со ЕУ.