Преговори на ЕУ со БиХ- подарок за смирување на ситуацијата?
13 март 2024„Европа е наша“, соопштија од Наша партија, веднаш по објавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен дека Босна и Херцеговина е на прагот на отворање на преговорите.
„Босна и Херцеговина направи импресивни чекори“, рече Фон дер Лајен во своето обраќање на пленарната седница на Европскиот парламент,во рамки на подготовките за седницата на Европскиот совет следната недела. Советот треба да донесе одлука за отворање на преговорите со Босна и Херцеговина, но без да се дефинира датум. Комисијата тврди дека БиХ е поподготвена од кога било, дека направила повеќе во последната година отколку во последните десет и дека „иднината на БиХ е во ЕУ“.
Кришто: „Доволно е“
„Земјата усвојува важни закони, како што е спречување на судир на интереси... законот за борба против перење пари и финансирање тероризам“, вели Фон дер Лајен, наведувајќи го договорот со Фронтекс, како и спроведувањето на хашките пресуди во домашната кривична евиденција.
Меѓутоа, во моментот кога Урсула фон дер Лајен се обрати пред пратениците во Европскиот парламент, се одржуваше седница на Советот на министри на Босна и Херцеговина, на која требаше да се донесе еден од клучните закони за, како што беше споменато порано, преговорите да би биле отворени. Но, законот за судови не доби поддршка бидејќи со месеци нема договор дали седиштето на Апелацискиот совет на Судот на Босна и Херцеговина да биде во Сараево, Источно Сараево, Бања Лука или на некое друго место. И покрај ова, првата жена на Советот на министри, Борјана Кришто, вели дека досега е доволно сработено.
„Постигнат е доволен напредок, но продолжуваме понатаму. Имаме обврска да продолжиме да работиме“, рече Кришто коментирајќи ја препораката на Европската комисија.
„Враќање нема“, вели премиерот на Федерацијата БиХ и прв човек на СДП на БиХ, Нермин Никшиќ. „Ние не зборуваме за себе, не се фалиме, туку од највисоката европска позиција беше кажано дека за една година од новата власт на државно ниво направивме повеќе од нашите претходници за десет години. Толку за 'предавствата' и 'продажбите'“, вели Никшиќ.
Импресивни изјави пред седум години
За споредба и за да се добие најдобра можна слика за оправданоста на пофалбите за големите резултати во минатата година, треба да се потсети на изјавата на високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Федерика Могерини од 2017 година.
„Се сеќавам на скептицизмот од пред две години и на желбата на граѓаните БиХ да влезе во ЕУ. Денес, две години подоцна, земјата направи импресивни чекори. Некои се претвораат во трендови, некои сè уште немаат конкретно влијание врз животот на граѓаните, но важно е да се продолжи во таа позитивна насока“, рече Могерини во Сараево пред седум години, а пофалбите се нижеа една по друга.
Меѓутоа, аналитичарите укажуваат дека не е постигнат напредок, а претходната година е потрошена во конфликти со меѓународната заедница, блокади и наметнување закони за кои немаше консензус во БиХ. Кандидатскиот статус кој БиХ го доби пред две години, исто така незаслужено чукна на врата, што тогаш го потврдија сите домашни и меѓународни претставници, но и додадоа дека поради „геополитичките односи во Европа мора да се работи на зајакнување на овој дел од Западен Балкан“.
Аналитичарите на организацијата Совет за политика за демократизација (ДПЦ) од Берлин пред неколку дена објавија анализа во која ги наведоа причините зошто не треба да се поддржи отворањето на пристапните преговори, бидејќи тоа „ги охрабрува корумпираните и недемократските владејачки елити да продолжат со својата политика, пред сѐ Милорад Додик и Драган Човиќ“.
Отстапки преку разводнување на условите
„Таа одлука е најновата епизода на деградирање на реформските услови и прогласување напредок во долгата историја на отстапки од страна на Европската унија на политичката класа во Босна и Херцеговина“, наведува ДПЦ, потсетувајќи дека Европската комисија, со препорака за кандидатурата на Украина и Молдавија во 2022 година, успешно лобираше кај Европскиот совет да го стори истото за БиХ, без таа да исполни какви било реформски услови.
„По условното зелено светло на Европскиот совет во декември 2023 година, претставниците на ЕУ во последните неколку месеци дополнително го разблажија сетот од повеќе од дваесетина реформски услови утврдени во Мислењето на Европската комисија за 2019 година на само 4 закони и одлуки, од кои два се усвоени во последните недели“, се наведува во анализата.
Тоа што условите се намалија од 14 на осум, а потоа на три плус еден и сега практично на донесениот Закон за спречување судир на интереси и на договорот со Фронтекс, не ја намалува радоста и кај меѓународната заедница. И од Канцеларијата на високиот претставник доаѓа благодарност до Европската комисија.
„Благодарен сум за најавата на претседателката дека ЕУ препорачува отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина. Ова е можен почеток на процес кој е клучен за иднината и просперитетот на Босна и Херцеговина во семејството на ЕУ. Ќе дадам целосна поддршка и соработка согласно дејтонскиот мандат“, напиша на социјалната мрежа Х високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.
Комшиќ задоволен, од Република Српска бараат датум
Препораката на ЕК за отворање преговори со Босна и Херцеговина е добра вест, изјави претседавачот со Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, кој сепак и натаму смета дека Европскиот совет инсистира на условите.
„Дали одлуката ќе биде позитивна и на седницата на 21 и 21 март зависи од сите земји членки, но и од преостанатите задачи што нашата земја мора да ги заврши за секоја земја членка на ЕУ да гласа за отворање на преговорите со Босна и Херцеговина. Тоа пред сѐ се однесува на Законот за судовите на Босна и Херцеговина, како и на законот со кој се штити изборниот интегритет“, рече Комшиќ, нагласувајќи дека сега е прашање дали вака уредена БиХ може да влезе во ЕУ.
„Доколку бриселската администрација, како и институциите на Европската унија, се согласат дека Босна и Херцеговина уредена на овој начин може да стане членка на Европската унија, тогаш тоа би била голема победа за етнонационалистите во Босна и Херцеговина, како и нивните шефови во Загреб и Белград, па зошто да не се рече и во Москва“, изјави Комшиќ.
Законот за судови сѐ уште нема да биде усвоен, што беше и потврдено по последната седница на Советот на министри, бидејќи работните групи не постигнаа никаков компромис за спорните прашања како што е седиштето на Апелацискиот совет на Судот на Босна и Херцеговина. Ниту техничките измени на Изборниот закон веќе не се на дневен ред на ниту една партија, а веќе има најави дека Високиот претставник ќе ги наметне тие измени до крајот на овој месец.
Истовремено, во Република Српска се смета дека тие дале клучен придонес за отворањето на преговорите.
„Треба да се каже дека отворањето на преговорите е резултат на огромниот и клучен придонес на Република Српска во тој процес. За нас европскиот пат е важен бидејќи претставува исполнување на една голема национална цел – животот на Србите во економски и политички простор без граници“, рече претседателот Милорад Додик, посебно заблагодарувајќи им се на Унгарија, Србија, Словачка, Австрија и Словенија, кои препознале „дека Босна и Херцеговина е мала ЕУ“. Од друга страна, премиерот на овој ентитет Радован Вишковиќ не гледа ништо спектакуларно во отворањето на преговорите, посебно без конкретен датум за пристапување.
Босна и Херцеговина ѝ е попотребна на Европската унија отколку што Унијата ѝ е потребна на Босна и Херцеговина“, рече Вишковиќ.
Односот на ЕУ кон БиХ „малку шашав“
Аналитичарите главно се согласуваат дека се работи за подарок од ЕУ, но и нејзин интерес во тој дел на Западен Балкан за да се одржи доминантната рака на Западот, без мешање од никого однадвор. Односот на ЕУ кон Босна и Херцеговина е „малку шашав“, вели советничката за политичка комуникација Марија Милиќ.
„Еден ден нема полоши од нас, друг ден сме постигнале врвен напредок“, вели Милиќ и прашува што се случило во меѓувреме без јавноста да биде информирана. Таа е на мислење дека БиХ одамна постигнала доволен напредок, но оти назадувала на внатрешнополитички план и во дипломатската комуникација.
„Ќе биде интересно да се набљудува европското објаснување за статусот и улогата на Канцеларијата на високиот претставник во Босна и Херцеговина. Ако сѐ остане исто, некој ќе треба да објасни како Европа мисли дека преговара со протекторат. И каква е тогаш таа Европа што прифаќа протекторат како нормална земја“, прашува Милиќ, која смета дека ниту носителите на власта не знаат каде е постигнат напредокот за кој се зборува.