Позитивни реакции на телефонскиот разговор Зеленски-Ши
27 април 2023Телефонски разговор на украинскиот претседател Володимир Зеленски со шефот на кинеската држава Ши Џинпинг меѓународно е оценет како позитивен знак. Пофалби за разговорот на Зеленски со Ши, дојдоа од Берлин и Вашингтон. И самиот Зеленски подоцна зборуваше за „долг
и прилично разумен разговор“.
Зеленски: Да се искористи политичкото влијание на Кина
„Сега постои можност за давање нов импулс на нашите украинско-кинески односи“, рече Зеленски во своето вчерашно (26.04) вечерно видео обраќање. „Постои можност да се искористи политичкото влијание на Кина за повторно зајакнување на принципите и правилата на кои треба да се заснова мирот“.
Кина, исто како Украина и мнозинството од светската заедница, е заинтересирана за силата на суверените народи, за нивниот територијален интегритет и избегнување нуклеарни катастрофи, додаде украинскиот претседател: „Се договоривме да ја продолжиме комуникацијата“, најави Зеленски.
Ши и Зеленски разговараа телефонски првпат од почетокот на руската инвазија на Украина. Критичарите ѝ префрлаат на Кина дека не е неутрална во конфликтот, меѓу другото и поради тоа што Пекинг до денес ја нема осудено руската инвазија.
Берлин: Телефонскиот разговор Зеленски-Ши е добар сигнал
Германската влада оцени дека телефонскиот разговор помеѓу Зеленски и Ши е добар сигнал. Кина, како постојана членка на Советот за безбедност има „особена одговорност за ставање крај на руската инвазијана Украина, која е спротивна на меѓународното право“, изјави портпарол на владата во Берлин. „Тоа што сега има дијалог помеѓу Украина и Кина на највисоко ниво, е добар сигнал“, оцени портпаролот.
Телефонскиот разговор беше поздравен и од страна на Вашингтон. „Сметаме дека тоа е добро“ изјави директорот за комуникации на Националниот совет за безбедност, Џон Кирби. Американската влада, според Кирби, одамна нагласува дека за Ши и кинеската влада би било важно да ја слушнат и украинската перспектива на војната. Меѓутоа, како што се додава, нејасно е дали разговорот ќе доведе до значаен развој во насока на мирот.